Српскиот претседател Александар Вучиќ и сугерираше на опозицијата, еден ден по петтиот од серијата масовни протести, на кои се бараше и негова оставка од функцијата шеф на државата, да предложи во Парламентот распишување референдум за доверба на шефот на државата и повтори дека власта нема да се менува на улица, пишува Индекс.
Вучиќ на новинарите по церемонијата по повод Денот на МВР и Денот на полицијата им изјави дека доколку опозицијата нема доволно гласови, иницијативата ќе ја поддржи владејачката коалиција, а потоа граѓаните ќе одлучуваат на референдум.
Демонстрантите вчера го опколија седиштето на претседателот на Србија во поворка низ централните градски улици и сметајќи дека владата е одговорна за зголемувањето и толеранцијата на насилството во општеството, му оставија бројни пораки на критики и повици да се повлече.
По вчерашниот протест, што беше најмасовен досега, Вучиќ трипати реагираше на социјалните мрежи. Истата вечер во видео порака на Инстаграм ги повика граѓаните да се „обединат иако постојат разлики“: „Да ги претвориме сите наши разлики во наши предности, но да почнеме да се справуваме со сериозните проблеми“.
Утрово, на Инстаграм следеше втора, слично интонирана порака со повик за единство и заедничко дејствување, но и со оценка дека однадвор се прават обиди за негово соборување.
View this post on Instagram
„Некој од надвор не ја урива Србија поради некој Вучиќ, туку го уриваат некој Вучиќ поради Србија. За нив е важно Србија да биде што е можно послаба. Мораме да работиме да ја направиме Србија посилна, да биде посилна“, истакна Вучиќ во видео пораката.
На социјалните мрежи набргу се појавија споредби на пораката на Вучиќ со речиси идентична изјава на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ пред да биде соборен од власт со протести на 5 октомври 2000 година по изборите на кои тој одби да го признае поразот.
„Тие не ја напаѓаат Србија поради Милошевиќ, туку го напаѓаат Милошевиќ поради Србија“, рече тогаш Милошевиќ.
Ovako je i Slobodan Milošević govorio nekoliko dana pred smenu. pic.twitter.com/ZxBaKEugFu
— Balša Božović (@Balshone) June 4, 2023
Вучиќ од почетокот на масовните протести во Белград во неколку наврати изјави дека власта нема да се менува на улица, туку на избори, и потенцираше дека нема да има преодна влада ниту, пак, ќе потпише одлука за тоа „се додека е жив“, оценувајќи дека тоа би била „влада на тајкуни, криминалци и странци“ што „ќе ја уништи Србија за шест месеци“.
„Јас ја сакам Србија премногу за да дозволам такво нешто. Можете да сонувате за тоа по четири години кога веќе нема да бидам претседател“, им рече Вучиќ денеска на новинарите по церемонијата по повод Денот на Министерството за внатрешни работи и Денот на полицијата.
Во април 2022 година, Вучиќ го освои вториот петгодишен претседателски мандат со повеќе од два милиона гласови во првиот круг од изборите.
Г. Т.