Зајакнувањето на мировните сили на НАТО почна во Косово по минатонеделните немири на северот на земјата, соопшти Алијансата. Насилството избувна откако косовските власти назначија градоначалници етнички Албанци на позиции во северните општини, кои беа избрани со излезност од само 3,5 отсто бидејќи мнозинството Срби во регионот ги бојкотираа локалните избори.
Во судирите беа повредени 30 припадници на мировните сили на НАТО познати како КФОР и 52 српски демонстранти.
Околу 500 војници од турската 65-та механизирана пешадиска бригада ќе го сочинуваат најголемиот дел од засилувањата, напиша на Твитер портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.
#NATO reinforcements have started to arrive in Kosovo following last week’s violence which injured 30 @NATO_KFOR peacekeeping troops. Around 500 🇹🇷service members from Türkiye’s 65th mechanized infantry brigade will make up the bulk of the reinforcements.https://t.co/vAho8N0hbb pic.twitter.com/Z7NQ5FqV23
— Oana Lungescu (@NATOpress) June 5, 2023
Како одговор на кризата, НАТО одлучи да испрати дополнителни 700 мировници на Косово, со што ќе го зајакне својот контингент од 4.000 војници, а генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, во четвртокот изјави дека е подготвен да испрати уште повеќе.
NATO will send 700 extra troops to Kosovo and put another battalion on high alert, Secretary General Jens Stoltenberg said https://t.co/gJNrQF0Xd4 pic.twitter.com/RqrP4B1BIq
— Reuters (@Reuters) May 30, 2023
НАТО ќе биде во состојба на готовност. Ќе бидеме таму за да гарантираме безбедна средина, но и да ги смириме и намалиме тензиите, изјави Столтенберг пред новинарите за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло.
Истражувањето на Демостат спроведено во Србија од 24 април до 4 мај, а во кое учествувале 1.600 испитаници, покажува дека мнозинството граѓани на Србија се против каков било конфликт на Косово. Анкетата е спроведена пред последните инциденти.
Според анкетата, 11 отсто од испитаниците би се бореле за Косово, додека 65 отсто од нив се против каков било конфликт во Косово, пренесува N1.
Дваесет и два отсто од анкетираните сметаат дека Русија ја поддржува Србија, а 20 отсто од нив ја гледаат Европската унија во таа улога. Кога станува збор за односот кон Истокот и Западот, 30 отсто од испитаниците се за Русија и Кина, а 35 отсто се за ЕУ, САД и скандинавските земји.
Доколку, пак, утре би се одржал референдум за членство во Европската унија, процентот „за“ и „против“ е еднаков – 33 отсто.
Г. Т.