Заменикот на претсетседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се обрати на панел дискусијата на билатералниот форум на тинк-тенк организации од Северна Македонија и Шпанија на тема „Размислување и работење заедно”, организиран од Преспа институтот.
Вицепремиерот Битиќи подвлече дека земјава е влезена во период на постпандемиско економско закрепнување, но ризиците и неизвесностите сè уште тука, во однос на синџирите на дистрибуција, скоковите на цените, финансиските нарушувања, енергетската несигурност и геополитичките тензии.
„Овие варијации на кои се изложени националните економии, претставуваат предизвик за младите луѓе кои сакаат, кои имаат желба да понудат одговор на нив, да ги засноваат своите лидерски вештини на конкурентност и иновативност”, рече Битиќи.
За вицепремиерот, овие квалитети стануваат уште поважни, ако ги артикулираме и процесите на дигитализацијата на економските активности.
„Младите луѓе кои се стремат да станат лидери треба да развијат дигитални вештини кои ќе им овозможат да интегрираат и водат системи кои обработуваат и анализираат големи количини на податоци, во кои се интегрирани роботи и вештачка интелигенција, процеси кои вклучуваат технологии „облак”, сајбер безбедност итн. Ова е само мал дел од мозаикот наречен глобална економска конфигурација, во која лидерството треба да се препознае и да се интегрира за да се ослободат нови потенцијали за раст”, подвлече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека климатските промени се уште еден фактор кој треба да се интегрира во визијата за одржлив економски раст.
„Затоа зелената економија или преминот од фосилни кон обновливи извори на енергија со ниски или нула емисии на јаглерод, треба да се препознае како вистинска можност за реализација на економски идеи кои ќе дадат позитивни резултати. Според податоците на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија, лани 83 отсто од вкупните инвестиции во производството на електрична енергија биле насочени кон обновливи извори на енергија. Овој „зелен сектор” од економијата лани имаше 12,7 милиони работни места, со проекција во 2030 година бројот на вработени да биде 38 милиони. Ова се дел од новите економски можности за граѓаните што ги создава зелената транзиција, а кои лидерите треба да ги препознаат и понудат”, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека обезбедувањето енергетска безбедност е од клучно значење за економската стабилност и одржливост.
„Диверзификацијата на изворите на енергија, намалувањето на зависноста од фосилни горива и инвестирањето во инфраструктурата за обновливи извори на енергија може да ја зајакне енергетската безбедност притоа придонесувајќи за одржливоста на екосистемот. Оваа енергетска транзиција значи обезбедување стабилно снабдување со енергија на деловните субјекти и домовите”, рече Битиќи.
На панелот освен вицепремиерот Битиќи учествуваа и д-р Пол Баргуес, виш истражувач од Центар за меѓународни односи во Барселона, д-р Марија Ристеска, извршен директор во Центар за истражување и креирање политики, д-р Благица Петреска, извршен директор во „Finance Think”, Филип Кулаков, програмски менаџер во Национален младински совет на Северна Македонија, додека настанот се модерираше од проф. д-р Драган Тевдовски, виш научен соработник, Преспа институт.