Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс влегува во трката за републиканска претседателска кандидатура на изборите во 2024 година, се вели во денешниот поднесок до Федералната изборна комисија (FEC), објави Скај њуз.
Пенс (63) ќе ја започне кампањата в среда во Ајова, изјавија три извори за Ројтерс минатата недела.
Тој ќе му се спротивстави на Доналд Трамп, кому некогаш лојално му служеше, но одби да го поддржи кога поранешниот претседател се обиде да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година.
Поранешниот конгресмен и поранешен гувернер на Индијана има силни конзервативни ставови за социјалните прашања и се повеќе се дистанцира од Трамп.
Според него, поранешниот претседател ги охрабрил бунтовниците кои го нападнаа Капитол на 6 јануари 2021 година и ги ставија во опасност него и неговото семејство.
Пенс им се придружува на се поголемиот број републикански кандидати, вклучувајќи ги Трамп, гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, сенаторот Тим Скот и поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли.
Гувернерот на Северна Дакота, Даг Бургум, исто така, планира да влезе во трката в среда, тврди лице запознаено со плановите на Бургум.
Големиот број кандидати ги загрижува повеќето ривали на Трамп во Републиканската партија, кои стравуваат дека гласовите против Трамп би можеле да се расфрлаат.
Г. Т.