Масивната брана Какховка, од времето на Советскиот Сојуз, што се наоѓа во јужна Украина а кој е под контрола на Русија, вчера беше крената во воздух, поплавувајќи ги околните области, јавија британските медиуми, повикувајќи се на извори од двете страни.
Видео покажува како вода протекува низ остатоците од браната.
Браната висока 30 метри и долга 3,2 километри е изградена во 1956 година на реката Дњепар, како дел од хидроцентралата Какховка.
Содржи резервоар што го снабдува со вода полуостровот Крим, што Русија го анектираше во 2014 година, и нуклеарната централа Запорижја, што, исто така, е под руска контрола.
Украинската војска соопшти дека руските сили ја урнале браната.
Руските сили ја разнесоа браната Какховка на реката Днепро, која е дел од хидроелектраната Какховка (ХЕ), соопшти украинската Оперативна команда Југ, пренесува Укринформ.
„ХЕ „Какховка“ е крената во воздух од руските окупаторски сили. Во моментов се утврдуваат размерите на уништувањето, брзината и обемот на вода, веројатните подрачја на поплави. Сите служби работат. Ситуацијата се следи“, соопштија од Оперативната команда Југ.
Веста ја пренесе и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Руски терористи. Уништувањето на браната на хидроцентралата Каховка само потврдува за целиот свет дека тие мора да бидат протерани од секој агол на украинската земја. Ниту еден метар не треба да им се остави, бидејќи секој метар го користат за терор. Само победата Украина ќе ја врати безбедноста. И оваа победа ќе дојде. Терористите нема да можат да ја запрат Украина со вода, проектили или што било друго. Сите услуги работат. Го свикав Советот за национална безбедност и одбрана. Ве молиме ширете само официјални и проверени информации“, напиша на Фејсбук, Зеленски.
Ј. Ѓ.







