Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека денеска имал телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон за актуелната ситуација во регионот Херсон и хуманитарните последици од „рускиот терористички чин“, како што го нарече уништувањето на браната Каховка.
– Разговаравме за актуелната ситуација во регионот Херсон, еколошките и хуманитарните последици од рускиот терористички чин и укажавме на итните потреби на Украина за елиминирање на последиците од катастрофата. Разговаравме за можноста за користење меѓународни механизми за истрага за причините за експлозијата, напиша Зеленски на Твитер.
Тој додаде дека со Макрон разговарал и за договорот со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за зголемување на контролата врз нуклеарната централа Запорожје.
– Се договоривме да ја продолжиме одбранбената соработка, особено за да го заштитиме нашето небо. Со нетрпение очекуваме што поскоро започнување на обуката за украинските пилоти. Разговаравме за форматите на безбедносни гаранции за Украина, очекувањата од Самитот на НАТО во Вилнус и подготовките за Глобалниот самит за мир, информира Зеленски.
Извор: МИА