Последните политички случувања во земјата, процесот на уставни измени, патот на евроинтеграциите, како и почетокот на работата на Коридорите 8 и 10Д, беа во фокусот на разговорите на денешната средба на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби со заменик американскиот амбасадор во земјава Ерик Мејер.
Како што соопшти Кабинетот на Груби, двајцата соговорници разговараа за политичката состојба во земјава, како и за евроинтегративниот процес и за продолжување на патот кон отворање на преговарачките поглавја.
Груби истакна дека поважна е европската иднина на граѓаните и на нашата држава и дека сме подготвени за секаква одлука што би овозможила консензуално одобрување на уставните измени.
– Дискусијата за важноста на реализацијата на проектите како Коридорот 8 и 10Д не само за земјата туку и за целиот регион ја натера целата Влада да се заложи за нивна брза и квалитетна реализација, веќе по одобрувањето на законски измени, се наведува во соопштението.
Груби за време на средбата му се заблагодари на Мејер и за големата поддршка за нашата земја на европскиот пат, како и за продолжувањето на стратешкиот дијалог со САД.