Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска официјално потврди дека украинската контраофанзива започнала. Според британски Гардијан, Зеленски истакна дека во Украина се „одвиваат контраофанзивни и одбранбени акции“, но не сакал да открие во која фаза се тие.
Тој го потврди ова на заедничката прес-конференција со канадскиот премиер Џастин Трудо, кој денеска ненајавено го посети Кијив.
Кога новинарите го прашаа Зеленски да одговори на коментарот на рускиот претседател Владимир Путин дека започнала долгоочекуваната контраофанзива на Украина, украинскиот претседател ги симна рамениците и ги крена веѓите.
Тој истакна дека секојдневно е во контакт со командантите од различни правци на операции, со Сирски, Тарнавски, Москаљ, Најев, Залужњи. „Сите имаат позитивен став. Кажете му го тоа на Путин“, рече Зеленски.
Канадскиот премиер Џастин Трудо најави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 500 милиони канадски долари и потврди дека Канада ќе учествува во меѓународната обука на украинските пилоти. На прес-конференција во Кијив, тој додаде дека Канада ќе го заплени рускиот товарен авион „Антонов“, кој слета таму минатата година.
Трудо, кој денеска пристигна во ненадејна посета на Кијив, рече дека уништувањето на браната Каховка во јужна Украина, што предизвика поплави, е „директен резултат“ на руската инвазија.
Поплавите што следеа ги зафатија и областите под контрола на Украина и окупираните од Русија на двата брега на реката, при што загинаа неколку луѓе, а десетици беа повредени.
Сите ја видовме штетата предизвикана од уривањето на браната на хидроцентралата Каховка… Ова е директен резултат на војната што ја започна Русија, нагласи Трудо.
Г. Т.