„Целта на ВМРО-ДПМНЕ е да издржат некако до 2024 година. Ако некој оди и коленичи по амбасади и ветува да му ја дадат власта и веднаш да ги внесе Бугарите во Уставот, тогаш тоа е Христијан Мицкоски“ изјави пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски во „24 анализа“ на ТВ24.
Тој додаде дека одговорноста од 1991 година наваму е на страна на СДСМ и дека СДСМ ќе продолжи да се бори за напредокот на државата.
„Прв пат во историјата ќе имаме шанса ВМРО-ДПМНЕ да биде кочничар на европскиот сон. Досега имавме блокади од надвор. Сега имаме можност од внатре да се блокираме. Да не дозволиме да победат ситнопартиските интереси“ изјави Костовски.
Пратеникот вели дека ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток знае дека не е загрозен македонскиот идентитет и цело време се обидуваат за ситни политички поени да измислуваат приказни.