Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
„Може ли да влезам во џамија да разгледам како е внатре“, љубезно замоли туристка, а еден од присутните верници (или евентуално одбор на џамијата) Мурат Паша во Скопје, кој веднаш како од пушка и одговори „Вака како што си облечена нема шанси да влезеш“.
Да, девојката можеби не беше соодветно облечена за да влезе во џамија, (макар што во тој период не беше време за молитва и немаше верници кои се клањале), но облеката не смее да биде причина за на некој да му се забрани влез во божјиот храм.
Таа носеше кратки панталони и откако категорично и беше забранет влез во џамијата во таква „униформа“, веднаш побрзаа заедно со пријателот да излезат од дворот на џамијата затоа што почна да се насобира „стручна жири комисија“ или „неформална морална полиција“ кои почнаа да ја укоруваат за изборот на облеката.
Додека пиев вода на фонтаната пред џамијата го слушнав муабетот и ми текна на едно интервју во кое водителката при крај од емисијата го прашува соговорникот (верник): Цела емисија зборуваме за исламот (религија), а ти ниту еднаш не ме погледна. Одговорот на верникот гласеше: „Ти имаш право да се облекуваш како сакаш, мое право (должност) е да не те гледам“.
За споредба, пред десетина години, го посетивме манастирот Св. Јован Бигорски, исто и таму им беше забрането на девојките да влезат во фармерки, кратки панталони или сукњи, но на самиот влез во манастирот има поставено долги сукњи кои бесплатно ги облекуваат девојките и на тој начин им се овозможува да го посетат манастирот.
Зошто и во џамиите нема таков пример каде што пред секоја џамија ќе има поставно долги суќњи или фустани за девојките, особено туристките да може да ги користат за да влезат да разгледаат или да се молат, сеедно. Зошто заради облеката девојките да бидат дискриминирани и да им е скратено правото да посетат верски објекти?
Најлесно е да се каже „не може“, но ајде тоа „не може“ да го претвориме во „може“!
Преземено од Цивил Медиа