Алексеј Навални, затворениот руски опозициски лидер, најави денеска започнување на кампања против војната во Украина. „Денеска почнува уште едно судење, кое во голема мера ќе ми го продолжи мандатот. Но, не сакам да го искористам овој ден за да предизвикам сочувство кон мене и кон другите политички затвореници“, рече Навални.
„Сакам да го искористам овој ден за да го објавам нашиот нов, многу важен проект. Голема машина за агитација. Машина за вистината. Не само што сакаме да го направиме тоа, туку дефинитивно ќе го направиме за да ги здружиме силите во борбата против лагите на Путин и лицемерието на Кремљ“, додаде тој.
Ќе водиме изборна кампања против војната. И против Путин. Токму така. Долга, тврдоглава, исцрпувачка, но исклучително важна кампања, каде што ќе ги свртиме луѓето против војната. Ќе спроведеме телефонски анкети, ќе комуницираме со Русите преку апликациите и социјалните мрежи под контрола на Кремљ за да ги убедиме да гласаат против војната“, рече лидерот на опозицијата, пренесува Фајненшал тајмс.
Инаку, на Навални (47) му претстои ново судење под обвинение за екстремизам поради што би можел да биде во затвор со децении. Тој веќе отслужува деветгодишна затворска казна за наводно прекршување на условниот отпуст, измама и непочитување на судот. Тој и неговите поддржувачи инсистираат дека неговото апсење и затворање во 2021 година биле политички мотивирани.
Новото судење почнува денеска во казнената установа каде што се наоѓа Навални, лоцирана на 250 километри источно од Москва. Навални се соочува со повеќе обвиненија, вклучително и оние за создавање екстремистичка мрежа и финансирање екстремистички активности.
Тој истакна дека доколку биде осуден за горенаведените обвиненија, затворската казна може да му биде продолжена за 30 години. Најновите обвинувања против Навални доаѓаат во момент кога Кремљ ги интензивира репресиите врз своите противници, повеќе од една година по инвазијата на Украина, пишува Би Би Си.
Навални рече дека обвинителите му дале 3.828 страници во кои се опишани сите злосторства што тој наводно ги извршил додека бил зад решетки. Меѓу другото, тој е обвинет за финансирање екстремистички активности, јавно поттикнување екстремистички активности и „рехабилитација на нацистичката идеологија“.
Г. Т.