Директорот на Царина, Стефан Богоев на денешната средба со националните координатори Марјан Забрчанец и Нола Исмајлоска Старова дискутирале за активностите кои ги спроведува Царинската управа во рамки на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, која го забрзува протокот на стоки и патници.
Тие се осврнале на актуелните инфраструктурни зафати на граничниот премин Табановце кои се преземаат координирано со Владата, и во моментов се во завршна фаза.
Во рамки на Отворен Балкан, во периодот што следи ќе започне да се применува и мерката за признавање на потврдите за мерење на вага или т.н. „кантарски белешки“ на товарните возила помеѓу Царинските управи на Република Северна Македонија и на Република Србија, што ќе значи дека истите нема да мора повторно да се мерат при влез во една од двете држави.
Отворен Балкан веќе дава резултати за граѓаните и за бизнис заедницата, а во делот на царинското работење има за цел олеснување на увозот, извозот и забрзување на движењето на стоките, напиша Богоев на својот фејсбук-профил.
Г. Т.