Шест од осум руски членови на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) ја поддржуваат војната на Русија против Украина, според истрагата на спортскиот украински медиум Трибуна.
Во март, МОК препорача на руските и белоруските спортисти да им биде дозволено да учествуваат на меѓународни натпревари како „индивидуални неутрални спортисти“ по едногодишна забрана наметната по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Спортистите кои се ангажирани од руската или белоруската војска или кои активно ја поддржуваат руската војна не треба да им се дозволи да се натпреваруваат, истакнуваат од Трибуна.
Оттаму посочуваат дека ограничувањата за спортистите се лицемерни, бидејќи членови на МОК ја поддржуваат војната на Русија без ограничувања.
Изданието идентификуваше шест Руси во МОК или поврзани тела кои активно ја поддржуваат војната или во нивните јавни изјави или преку нивната поврзаност со руската војска. Меѓу нив се Елена Исинбаева, Шамил Тарпишчев, Александр Попов, Станислав Поздњаков, Владимир Лисин и Родион Плитухин.
Трибуна тврди дека ги испратила собраните докази до МОК. Комитетот допрва треба да одговори.
Над 30 земји побараа од МОК да ја продолжи забраната за спречување на Русија и Белорусија да се натпреваруваат на меѓународни спортски настани, вклучително и Олимписките игри во 2024 година. Владата на Украина објави дека ќе ги бојкотира сите натпревари со руски или белоруски спортисти.
Подготви: Ј. Ѓ.
Поврзано:
Украина им забрани на своите спортисти да се натпреваруваат со руски и белоруски спортисти