Крајно вознемирен, Путин само што се појави со уште едно видео обраќање до нацијата утрово, на 24 јуни. Неговото претходно обраќање беше вчера попладне. За диктаторот од Кремлин, баран со меѓународна потерница за воени злосторства, ова е невообичаена динамика на појавување во јавноста.
Ова што се случува, Путин го нарече предавство и закана за неговата нација. Тој соопшти дека ѝ наредил на војската да го задуши бунтот предводен од шефот на платеничката војска „Вагнер“, Евгениј Пригожин.
„Руските вооружени сили ја примија потребната наредба да ги неутрализираат оние што го организираа вооружениот бунт. Како граѓанин на Русија, ќе направам сѐ за да ја одбранам земјата. Ќе бидат преземени решителни акции. Последиците ќе бидат тешки“, се закани Путин.
Тој повика да се остават на страна кавгите од времето на „специјалната операција“.
„Треба да се остават настрана сите кавги во периодот на специјалната операција. Сега се решава судбината на нашиот народ“, рече Путин.
Најкритичниот момент во неговото обраќање, сепак, се однесува на изразот граѓанска војна. Не директно, но тој практично најави дека ова може да е почеток на граѓанска војна во Русија.
„Нема да дозволиме граѓанската војна да се повтори, ќе го заштитиме нашиот народ и државност“, рече тој.
Тој соопшти дека руските сили добиле наредба да ги „неутрализираат“ бунтовниците.
„Вооружените сили на русија ја добија потребната наредба да ги неутрализираат оние што го организираа вооружениот бунт“, рече тој.
Ова претставува ескалација на ситуацијата, особено ако се има предвид дека Пригожин досега отворено ги критикуваше руската елита и воениот врв, но не и самиот Путин. Овој настап на Путин веројатно ќе значи заострување на вокабуларот на Пригожин и во однос на неговиот довчерашен идол кому, пред да стане газда на озлогласениот „Вагнер“, беше познат како „готвачот на Путин“.
Во меѓувреме, експресно беше креирано и едно сатирично видео со клучните пораки на Путин.
Ситуацијата во Русија ја предвидоа повеќе експерти во светот, наспроти скепсата на „неутралците“. И претседателот на Украина, Володимир Зеленски неодамна кажа дека „сево ова е само почеток“, најавувајќи дека на повидок се сериозни разијдувања во самиот врв на руските елити.
ЦИВИЛ Медиа е во директен контакт со низа релевантни извори на теренот и будно ја следи ситуацијата.
Џ. Д.