Украинските пилоти, и покрај техничката предност на Русите во воздухопловството, имаат предност во моралот и вештината, а со летање на ловците Ф-16 нема да му остават ниту една шанса на непријателот на украинското небо, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Херојски украински пилоти. Благодарен сум на секој од нив! Иако непријателот сè уште има значајна техничка предност во воздухопловството, нашите пилоти имаа јасна предност во моралот и вештините уште од првиот ден на војната во целосни размери! Тие ги спасуваат Украинците од рускиот терор со бомби, проектили и беспилотни летала убијци. Со украинските пилоти кои летаат Ф-16, слободата ќе стане неодолива, а терористичката држава нема да има шанса на нашето небо“, објави Зеленски на Телеграма.
Тој објави и кратко видео чиј автор е United24 за работата на украинската авијација во услови на целосна војна и итната потреба од набавка на Ф-16.
Како што е соопштено, министерот за одбрана на Украина Олексиј Резников изјавил дека специфичните обврски на сојузниците во врска со организацијата на специјализирана обука за украинските пилоти на авиони Ф-16, што ќе го отвори патот за идна испорака на овие авиони во Украина, биле постигнати во текот на состанокот на Комисијата НАТО-Украина.
Подготви: Ј. Ѓ.