Шефот на американската ЦИА, Вилијам Барнс, денеска изјави дека незадоволството во Русија од војната во Украина е можност што се добива еднаш во генерација за регрутирање шпиони – а неговата агенција не ја пропушта таквата можност.
„Одбивноста кон војната ќе продолжи да го „јаде“ руското раководство под постојаната државна пропаганда и практикувана репресија. Тоа незадоволство создава можност која се појавува еднаш во генерација за нас во ЦИА. Нема да дозволиме тоа да пропадне“, рече Барнс, поранешен американски амбасадор во Москва, на предавањето на британската фондација Дичли во Оксфордшир, Англија.
Барнс денеска изјави дека вооружениот бунт на водачот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин го покажал корозивниот ефект врз Русија од војната на Путин во Украина.
„Зачудувачки е што Пригожин пред неговите акции упати остро обвинение против лажното оправдување на Кремљ за инвазијата врз Украина и водењето на војната од страна на руското воено раководство“, додаде шефот на ЦИА.
Според него, „влијанието на тие зборови и тие постапки ќе биде присутно уште некое време – жив потсетник за корозивниот ефект на Путиновата војна врз неговото сопствено општество и режим“.
Барнс го опиша бунтот како „оружен предизвик за руската држава“, но рече дека тоа е „внатрешна руска работа во која САД немале и нема да имаат учество“.
Г. Т.