Општина Дебар од Министерството за труд и социјална политика доби 16 милиони денари за доизградба и опремување на анекс објектот на детската градинка “Брешиа”.
-Уште една капитална инвестиција за нашата општина. Инвестицијата се однесува на проектот на општина Дебар а прифатен од Министерството за труд и социјална политика, за детската градинка „Брешиа“ со вредност од 16 милиони денари, објави градоначалникот Хекуран Дука.
Според него, проектот предвидува завршување на изградбата на објектот, со капацитет од 62 деца и опремување на истиот со потребната опрема.
Општина Дебар, со сопствени средства ќе учествува, меѓу другото, во поставување на јавно осветлување, уредување на зелени површини, приклучување на струја, канализација и водовод, изградба на пешачки патеки итн.
– Меморандумот и билатералниот договор беа потпишани вчера со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во нејзиниот кабинет. Помошта и соработката на централната власт со локалната функционира одлично за доброто на граѓаните, а во овој случај за најскапоцените, нашите деца, наведува Дука.
Градинката во Дебар функционира над педесет години. Моментно во два објекта во градот згрижени се над 330 деца, но, потребите се поголеми.