Најмалку 43 лица, меѓу кои 12 деца, се повредени откако руски проектил погоди паркинг на станбена зграда во областа Харкив, објави Олег Синегубов, шеф на регионалната воена управа во Харкив, на Телеграм.
Меѓу повредените 12 деца, најмалото има само три месеци, соопшти Јавното обвинителство, објави Кијив Индипендент.
Според украинските власти, руска ракета Искандер паднала во градот Первомајски околу 13 часот и 30 минути по локално време, пишува Укринформ. Бројот на настраданите не е конечен и би можел да се зголеми.
Украинскиот јавен обвинител Андреј Костин изјави дека во таа област има само станбени згради и оти „ова е уште едно руско воено злосторство“.
Первомајски се наоѓа на околу 90 километри јужно од главниот град Харкив и е релативно далеку од жариштето на борбите, кои главно се водат во регионот на Донбас.
Г. Т.