Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е апсурдно на Самитот во Вилнус да не и се понуди на Украина членство во НАТО.
Тој истакна дека Украина заслужува почитување.
„Се чини дека нема подготвеност Украина да биде поканета во НАТО или да стане членка на Алијансата. Тоа значи дека е оставена можност да се преговара за членството на Украина во НАТО во преговорите со Русија. А, за Русија тоа значи мотивација да го продолжи својот терор“, посочи Зеленски.
Тој на Телеграм на англиски јазик напиша дека колебливоста е слабост и оти отворено ќе разговара за тоа на Самитот на НАТО во Литванија.
Зеленски, исто така, се пожали дека декларацијата што ја подготвуваат лидерите на НАТО алудира на „услови“ не само за членство на Украина во НАТО, туку едноставно за земјата да биде поканета да се приклучи.
„Се чини дека нема подготвеност ниту да ја поканиме Украина во НАТО или да ја направиме членка на Алијансата“, рече тој.
„За Русија тоа значи мотивација да продолжи со својот терор“.
Сојузниците на НАТО, наводно, се обидуваат да постигнат компромис. Тие сакаат да му испратат на Киев јасен сигнал дека може да се приклучи на воената алијанса, но меѓу некои – како Вашингтон и Берлин – постои неподготвеност да понудат гарантирано членство.
Кремљ веќе го предупреди НАТО за „многу негативни“ последици за европската безбедност доколку Украина се приклучи.
Оваа перспектива беше искористена како оправдување од Владимир Путин за да ја започне својата инвазија.
Извор: Нова ТВ