Србија повторно е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ на Западен Балкан која не се усигласи со новата надворешнополитичка одлука на Советот на ЕУ, овојпат поради ситуацијата во Либија, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопшти денеска високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел, на 10 јули, Советот на ЕУ усвои одлука во врска со ситуацијата во Либија со која, меѓу другото, се забранува пренос на оружје и придружен материјал на пловни објекти под знаме на трети земји кои патуваат до или од Либија.
Сите други земји кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан – Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина се усогласија со новата одлука на Советот на ЕУ. Тие ќе се погрижат нивните национални политики да бидат во согласност со оваа одлука, а ЕУ ја забележува оваа посветеност и ја поздравува, се вели во соопштението.
Србија е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ на Западен Балкан која не се усигласи ниту со 18-те одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради Украина кои беа усвоени во 2022 и 2023 година, како и седумте одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради на ситуацијата во Иран од 2022 и 2023 година.
Србија во април не се усогласи ни со одлуката за рестриктивни мерки поради Сирија, во февруари и март не ги почитуваше одлуките на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради сериозно кршење на човековите права и злоупотреба, а во февруари со одлуката за рестриктивни мерки поради ситуацијата во Белорусија и нејзиното учество во руската агресија против Украина.
Белград не ги почитуваше одлуките за примена на посебни мерки во борбата против тероризмот од февруари 2023 и јули 2022 година, ни со февруарските одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради ситуацијата во Мали.