Охрид може да ја очекува една од најдобрите туристички сезони, пишува БИРН. Во статијата посветена на растот на странските туристи во земјава, но и во земјите од регионот, се вели дека во натпревар со традиционалните летни туристички дестинации на Балканот лоцирани покрај морето, досега најголемиот туристички центар во земјава, Охрид, често мораше да седне на задното седиште.
„Но, не оваа сезона. Локалните туристички работници велат дека капацитетите се преполни. Иако сè уште нема бројки за јули, тие велат дека зголемувањето во споредба со минатата година може да биде 50 проценти или повеќе, и дека ова ќе биде убедливо најдобрата сезона од почетокот на пандемијата со COVID-19 и можеби една од најдобрите сезони воопшто“, пишува медиумот.
Туристичките работници додаваат дека сместувачките капацитети се веќе резервирани до крајот на август.
„90% од хотелските капацитети се полни, а слична ситуација имаме и со приватните сместувања. Сезоната е во полн ек и големата навалица започна. Покрај домашните, имаме гости од Турција, Холандија, Англија, Норвешка и други земји“, велат за БИРН од Асоцијацијата на хотелиери.
Тие веруваат дека оваа година Охрид има корист од стравот кај туристите од големите поскапувања, што можеби е причина да натера многу Македонци да останат во својата земја и да направат поскромен одмор на Охридското Езеро. Од друга страна, за Охрид се упатија и странски туристи поради слична причина, бидејќи тој е релативно поевтина алтернатива за одмор за разлика од познатите морски дестинации во соседството.