Генерал мајор Вадим Скибицкиј, еден од највисоките претставници на Военото разузнавање на Украина, во обемното ексклузивно интервју за ЦИВИЛ Медиа, открива низа помалку познати и непознати детали за руската агресија и пропагандна војна.
Од одговорите на генералот дознаваме за динамиката и природата на воените дејствија, колку се моќни, што се случи и што се случува со пригожиновите вагнерци, како и за вооружените бунтовнички групи на руска територија. Понатаму, дознаваме детали за руската пропагандна и информациска војна и можностите за нуклеарна војна.
Дознаваме и детали за руските приватни армии и путиновата гарда. Особено интересни се согледувањата на украинскиот топ разузнавач за тоа што навистина се случува и како ќе се развива ситуацијата и реалните можности за дестабилизација, па и распад на руската федерација.
Од разбирливи причини, не може да се најдат многу биографски податоци за ексклузивниот соговорник на ЦИВИЛ Медиа.
ЦИВИЛ МЕДИА: Ви благодариме, господине генерале, за ова интервју. Да го започнеме разговорот со темпото на контраофанзивата за ослободување на Украина од руските агресори. Бавното напредување на бранителите на Украина предизвика многу дискусии во западните медиуми и во воените и експертските кругови. Како ја оценувате тековната ситуација на бојното поле и каков би бил Вашиот одговор на критичарите?
СКИБИЦКИЈ: Сегашната ситуација на бојното поле е тешка, но Вооружените Сили на Украина имаат иницијатива. Сѐ оди според план. Ние реагираме на промените во ситуацијата на бојното поле и ги правиме потребните прилагодувања. Военото разузнавање на Украина ги разоткрива намерите на непријателот, а Силите за одбрана ги нарушуваат. Ние анализираме и нанесуваме удари онаму каде што руските окупатори трпат значителни загуби.
Да, признаваме дека непријателот добро се закрепи на окупираните украински територии: големи мински бариери, неколку линии на фортификациони објекти – сето ова, се разбира, има свое влијание врз темпото на нашето напредување.
Меѓутоа, на оние кои сметаат дека Украина е премногу бавна за време на офанзивата, ќе им кажам дека војната не е спортско натпреварување. Динамиката на воените дејствија зависи од исклучително многу фактори, вклучително од достапноста на силите и средствата неопходни за извршување на борбените задачи.
Ни треба муниција, ни требаат повеќе средства за противвоздушна одбрана, ни требаат возила за деминирање и прецизно оружје со долг дострел.
Во овој контекст, ние сме многу благодарни што Северна Македонија, заедно со сите други држави, стои на страната на Украина и не престанува да обезбедува помош за заштита на украинскиот народ, нашиот континент и нашите заеднички вредности на слободата.
Би сакал да Ве потсетам дека руската агресија од големи размери имаше за цел Блицкриг – брзо заземање и потчинување на цела Украина. Во експертските кругови што ги спомнавте, пред инвазијата на 24 февруари 2022 година, сметаа дека Украина нема да издржи долго. Но, агресорот доби удар по забите. И ние ќе продолжиме сѐ додека тој не го исплука и последниот песјак. И главната работа тука не е толку брзината, колку неочекуваноста и прецизноста на ударот.
Општо земено, филозофијата на водење на сегашната ослободителна војна против русите, што ја водат командантите на Силите за безбедност и одбрана на Украина, е дека ние, за разлика од нашиот непријател, ги цениме нашите војници.
Нашите дејствија на бојното поле се насочени кон онеспособување на непријателот – пресекување на патиштата за снабдување, уништување на магацини со оружје, победа во контра-артилериски[1] битки, уништување на нивните средства за разузнавање и противвоздушна одбрана.
Работиме во сите димензии на војната, а комбинацијата на успеси во секоја од нив ќе го донесе посакуваниот резултат.
Па така, Украина е во офанзива, и ќе има успех.
ЦИВИЛ МЕДИА: 36-часовниот бунт на групата платеници на пригожин на 24 јуни му ги покажа на светот пукнатините во машинеријата на путин. Што навистина се случи?
СКИБИЦКИЈ: Да, машинеријата на путин има пукнатини и корозија. Тоа се „Жигулите“[2] на кремљ, кој нема ретровизори, а во багажникот има нуклеарна боева глава.
Бунтот на пригожин ги покажа не само пукнатините, туку и неспособноста на рускиот диктатор да ги држи уздите.
За 36 часа, бунтовничката терористичка група собори 8 единици на руската воена авијација, уби неколку десетици воени лица, меѓу кои и пилоти.
Во исто време, вагнерците речиси го зазедоа објектот со нуклеарно оружје наречен „Воронеж-45“.
И како резултат, путин, нарекувајќи го бунтот „предавство“ и „нож во грб“, на крај ги ослободи терористите од „вагнер“ во белорусија.
Како што велат, почувствувајте ја разликата: чекистичкиот[3] водач, кој изгради имиџ на бравадото за „давење на терористи во тоалет“, се претвори во слаб параноичен дедо – исплашен, но и одмаздољубив, за што сведочат чистките во руската окупаторска армија која започна по бунтот на „вагнер“ со цел да се идентификуваат и казнат оние кои го поддржуваа пригожин.
А неговиот бунт го поддржуваа, не само поединечни претставници на воената елита на русија, туку и просечното руско население, за што сведочи извештајот на министерството за внатрешни работи на рф, пресретнат од военото разузнавање на Украина. Во тајниот документ се дадени затворени рејтинзи за симпатиите кон путин и пригожин, и за рускиот диктатор тие се разочарувачки.
ЦИВИЛ МЕДИА: Западните медиуми се чини дека му даваат преголемо значење на пригожин, иако, всушност, се разботи за воен злосторник и меѓународен трговец со воени злосторства и валкани операции? Она што остана од платениците на пригожин сега се наоѓа во белорусија. Колку е опасна оваа група сега? Дали таа навистина беше толку страшна сила порано?
СКИБИЦКИЈ: Терористичката група „вагнер“ на бојното поле во Украина направи повеќе проблеми од редовната руска армија. Платениците на пригожин беа навистина повеќе подготвени и борбено способни.
Откако беа разоружени на привремено окупираната територија на Украина и во русија и испратени во белорусија, военото разузнавање на Украина внимателно ја следи природата на понатамошните дејствија на групата „вагнер“ на територијата на белорусија. Во моментов, од таму не гледаме директна закана.
Платениците-терористи сега учествуваат во обуката на армијата на лукашенко, но ова дејствување не е од систематска природа. Самиот пригожин ја изјавува својата намера да се врати на злосторничките активности на територијата на Африка.
Како и да е, „вагнерците“ остануваат во нашето видно поле.
ЦИВИЛ МЕДИА: кремљ ги обвинува украинските разузнавачи за постоењето и дејствувањето на Легијата „Слобода на русија“ и рускиот волонтерски корпус. Колку се автентични овие воени формации во русија и каква е врската меѓу нив и одбраната на Украина? Каква е нивната способност да му нанесат штета на режимот на путин?
СКИБИЦКИЈ: рускиот волонтерски корпус и Легијата „Слобода на русија“ се состојат од борци со руско државјанство.
Нивните дејствија на руска територија станаа исто толку непријатно изненадување за кремљ како и бунтот на пригожин – московските лидери едноставно не беа подготвени за такво сценарио, што се покажа со нивната беспомошна и слаба реакција на епизодите на вооружена борба во белгородската, курската и брјанската област на русија.
Овие руски опозициски вооружени формации имаат доволно автономија и права да се борат против злосторничкиот режим на путин на територијата на сопствената држава. А било кој фактор што го ослабува терористичкиот фашистички режим во москва е во интерес на Украина.
ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се најважните карактеристики на руската пропаганда во оваа фаза од војната? Дали сметате дека рф ја губи пропагандната војна или едноставно се трансформира?
СКИБИЦКИЈ: Главните задачи на руската пропаганда во сегашната фаза се сведуваат на тоа да се уништи внатрешното единство на украинското општество, да се поткопа довербата меѓу Украина и нашите партнери, да се запре воената помош, а во русија – да го поттикне митот за тоа дека сегашната русија, „Жигулите“ со нуклеарна боева глава, е способна за некакво си движење и развој.
руската пропаганда е доста статична во својот сет на методи. Меѓутоа, треба да се признае дека во 2014 година непријателот беше ефикасен на информациското поле – Украина не беше подготвена за масовни дезинформации и информациско-психолошките операции на рф.
Со почетокот на инвазијата од големи размери, ние преземаме попроактивен пристап за спротивставување на руската пропаганда. И нашето главно оружје во овој процес е вистината.
Военото разузнавање на Украина, на пример, стана поотворено – објавуваме факти, одделни разузнавачки податоци кои ги откриваат намерите на агресорот, објавуваме докази за воени злосторства извршени од русија.
И овој пристап ја докажува својата ефикасност: руската пропаганда не може да ги постигне своите главни цели и затоа русија губи во информациската војна.
ЦИВИЛ МЕДИА: Што е следно за Путин? Сега повеќе од кога било, му треба воен успех во Украина и тој е многу далеку од негово постигнување. За да ги надомести своите загуби на бојното поле, путин го зголеми ракетниот терор. Само на денот на платеничкиот бунт, рф ја нападна Украина со 50 ракети и беспилотни летала, од кои 20 или повеќе беа насочени кон Кијив. Зарем тоа не ја усложнува ситуацијата? Дали очекувате путин да заземе пристап „сè или ништо“? А што е со црвеното копче?
СКИБИЦКИЈ: Воен успех на путин му е потребен сега и му бил потребен секогаш, бидејќи тој дал наредба да се започне војна против Украина.
Се разбира, ракетните напади на непријателот ја усложнуваат ситуацијата, бидејќи предизвикуваат жртви меѓу Украинците и уништување на инфраструктурни објекти, на нашата економија.
Заканите од страна на рф за употреба на нуклеарно оружје ние ги оценуваме како манифестација на уцена и заплашување. Ова е неодговорно, но сосема карактеристично за однесувањето на москва.
Мислам дека веројатноста путин да го употреби „црвеното копче“ е мала, вклучително и поради позицијата на официјален Пекинг, кој јавно се изрази против употребата на нуклеарно оружје.
Па дури и ако хипотетички се дозволи такво сценарио, тоа нема да дозволи агресорот да ја добие војната, но ќе биде последниот ден од постоењето на русија.
ЦИВИЛ МЕДИА: Колку е навистина силна рф? Се чини дека приватните армии и некои други вооружени формации, како војската на кадиров, се сериозен проблем во рф. Според некои проценки, во рф има околу 60 различни вооружени формации и приватни армии. Дали е тоа така? Покрај тоа, каква е нивната вистинска моќ во споредба со редовните и специјалните армии на рф? Постојат некои шпекулации дека самиот путин има верно обезбедување кој брои до 200.000 добро обучен и вооружен воен персонал. Дали е ова вистина или е уште една хорор приказна на путиновската пропаганда?
СКИБИЦКИЈ: Со обезбедувањето на путин се занимава неговиот поранешен спаринг партнер во џудо со презиме золотов. Тој ги предводи трупите на руската национална гарда. Овие „гардисти“ директно му се потчинети на путин. Тие добиваат огромно финансирање, а нивниот број не е 200 илјади, туку околу еден и пол пати повеќе.
Оваа гарда е погодна за зајакнување на полицискиот режим во русија. Но, војувањето е малку поразлично од растурање на студентски собири.
За време на агресијата од големи размери, Вооружените Сили на Украина уништија илјадници „руски гардисти“ кои беа сигурни дека ќе маршираат низ заробениот Кијив.
Што се однесува до другите таканаречени приватни армии во русија – ги има навистина десетици, нивните активности се финансирани од големи компании, како што е „гаспром“.
Исто така, од неодамна, во русија одлучија да создадат федерални паравоени формации: во секој таканаречен „субјект на федерацијата“ треба да се создадат такви единици од локалното население, да се вооружат со лесно оружје и да се финансираат главно од локалниот буџет.
Тоа значи дека во секој таканаречен „субјект на федерацијата“, локалните путински феудалци ќе имаат свои приватни воени компании.
Со оглед на огромниот број противречности во русија, таквиот чекор може да има неочекуван резултат за москва – на пример, да предизвика национално-ослободителни движења на поробените народи или да ја втурне русија во крвав хаос на внатрешни конфронтации.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали генералот шојгу е уште еден сопственик на тајна приватна армија? Дали очекувате тој да направи обид за освојување на тронот на путин? Поточно: до кој степен е поделена воено-политичката влада на рф во моментов?
СКИБИЦКИЈ: Има податоци дека руската таканаречена приватна воена компанија наречена „патриот“ е на министерот шојгу.
Секако, тој можеби има високи амбиции, но сомнително е дека ќе успее да ја заземе највисоката функција во русија. Една од главните причини лежи во тоа што тој не е ниту харизматичен, ниту популарен. Самата руска окупациска војска не го поддржува премногу министерот, него често го исмеваат, го нарекуваат „водач на елени“[4].
Затоа, приватната воена компанија на шојгу не е за обид за тронот на путин, туку за лична безбедност.
Во принцип, не е тајна дека во воено-политичкото раководство на рф постојат сериозни несогласувања. Нив ги продлабочи стратешкиот неуспех на авантуристичката војна против Украина.
Поединечни претставници на сегашната таканаречена руска елита веќе се обидуваат да најдат безбедносни гаранции за себе по неизбежниот колапс на системот на путин.
Со секој воен пораз на окупаторската војска на бојното поле, со секоја пратка воена помош за Украина, со секој пакет нови санкциони ограничувања за агресорот, се зголемува веројатноста за поголеми манифестации на овие конфронтации во русија.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали очекувате распад на рф и какви ќе бидат последиците од таквиот развој на настаните за Украина и регионот?
СКИБИЦКИЈ: Ние не очекуваме дека русија во еден прекрасен ден ќе земе и ќе се распадне. Ние се бориме и правиме сѐ за да ѝ нанесеме на русија пораз, да ја ослободиме Украина и да обезбедиме мир за идните генерации на нашите граѓани.
Ако зборуваме за трансформација на таканаречената руска федерација, тогаш таа е возможна само по целосен пораз во војната што ја започна.
Оваа трансформација треба да им користи на сите, бидејќи денешна русија е олицетворение на злото, извор на нестабилност и опасност како за светот, така и за самите руси.
Во интерес на Украина и на цела Европа е да се лиши русија од можноста да води нови војни и да се присили да се придржува кон меѓународното право.
Трансформацијата на русија секако мора да предвиди казнување на сите воени злосторници и компензација за целата штета предизвикана од војната.
Исто така, вреди да се напомене дека русија останува затвор за многу други народи кои заслужуваат свои национални држави, но тука треба да се напомене дека без борба тие нема да се здобијат со државност.
ЦИВИЛ МЕДИА: Какви се перспективите за офанзивата на Украина? Дали претстојната зима ќе биде уште потешка за ослободувањето на Украина?
СКИБИЦКИЈ: Очигледно е дека русија наесен и во зима повторно ќе се обидува да го уништи нашиот енергетски систем за да ги лиши Украинците од светлина и топлина, да го деморализира нашето општество и да предизвика нов бран на принудна емиграција.
Сега непријателот спроведува соодветни разузнавачки мерки за утврдување на приоритетните објекти на енергетскиот систем на Украина. Ние знаеме за овие планови на непријателот и се подготвуваме за зимата уште во лето.
А украинската офанзива, како што веќе реков, продолжува. Затоа, ќе видиме што ќе се случи пред зимата. Непроменливата цел на Украина е ослободување на сите окупирани територии, одржлив мир и безбедносни гаранции за нашата држава и нација.
Разговорот го водеше: Џабир Дерала / ЦИВИЛ МЕДИА
Благодарност до Амбасадата на Украина за помошта при комуникацијата со соговорникот, ген. Скибицки.
[1] Counter-battery fire (https://en.wikipedia.org/wiki/Counter-battery_fire) [2] Жигули, возило од времето на СССР - ВАЗ-2101 «Жигули» [3] ЧЕКА, односно ВЧК - Всероссийская чрезвычайная комиссия [4] Во преносна смисла на зборот: водач на овци, овчар