Пишува: АЦО ЛУКАРОСКИ
Нештата се исполаризираа.
На едната страна ја имаме актуелната власт, со силна и отворена поддршка од Европа и САД.
На другата страна ги имаме ВМРО, Левица, Беса и Алтернатива, со поддршка од Курти од Косово и Орбан од Унгарија. Од ниту еден друг политичар не стигнува поддршка за македонската опозиција.
Кој ќе победи во оваа битка?
Ќе победат вторите. Кај мене одамна нема дилема. Тоа што јас секојдневно укажувам на последиците од тоа што ќе се случи не е дека се надевам дека некого ќе го убедам да го смени ставот, туку само за да ми е чиста совеста дека во периодот на пропаѓање на државата сум го правел и сум го пишувал тоа што треба.
За жал, никогаш веќе во Македонија нема да се врати она време кога никој за никого не знаеше за која политичка партија е. А и да знаеше, не му беше гајле. Јас не знаев за ниту еден мој роднина на која политичка партија е симпатизер. Не знаев ни за моите пријатели, ни за моите соседи во Македонија, ни за моите школски другари. Сега знам за сите. Во Канада секоја година имаше народни собири. За Илинден и други празници масовно се собиравме Македонците, слушавме македонски песни, игравме македонски ора. Никој не спомнуваше име на политичка партија. Никој никого не мразеше. Дојде ВМРО на власт и почна омразата. Почнаа клетвите и заканите за секој неистомисленик.
Да се вратам сега на она што е актуелно.
Уставни промени нема да има. Наместо тоа, во Македонија ќе има промена на власта. И со тоа ќе се урне и последната шанса за Македонија да стане европска држава. Ќе запрат преговорите со ЕУ. Ќе нè сместат во некоја ‘чекална’ и оттаму ќе ги гледаме сите наши соседи како одат напред.
Ќе се појават многу нови Данели, Мицковци, Бачевци, Солзи… Ќе се појави и некој нов Мијалков, некој нов Орце Камчев. Сегашните проблеми во државата ќе бидат ‘мачји кашаљ’ во однос на тоа што допрва нè чека. Ќе имаме меѓународно изолирана држава. Ќе имаме корупција многу поголема од таа што е сега и медиуми коишто ќе се тркаат кој повеќе ќе ѝ се додвори на новата власт. Ќе имаме тотална автократија во којашто никој нема да смее да каже виц против Мицкоски, Милошоски, или Александар Николоски.
Ќе има многу нови невработени. Ќе има помали плати и пензии. Ќе има огромни презадолжувања за коишто никој нема да ја информира јавноста. Ќе нема никакви странски инвестиции. Ама за сите тие работи медиумите како виновник ќе ја посочуваат сегашната власт. Новата власт ‘многу ќе се труди’, ама ќе се раскажува и ќе се пишува дека „не можат работите да се сменат преку ноќ“ и дека „голема трага останало од тоа што „ес-де-ес го правеше триесет години“.
Ќе има уште помасовно заминување на младите од Македонија. Бидејќи другите држави во светот ќе ги собираат само оние со висок IQ, ќе почне да паѓа просекот од IQ=78.
Ќе почнат и опасни меѓуетнички тензии со последици погубни за сите етникуми. За крај, ќе звучам можеби малку и морбидно, но ќе кажам дека моите предвидувања се дека Македонија ќе исчезне. Не може да опстои држава со толку висок процент на кусогледи и наивни креатури.