„Не еднаш, македонската опозиција побара од мене да ги навредам, за да им го зголемам рејтингот кај македонската заедница. Но, јас не го направив тоа. Им реков на претседателот и на премиерот не брзајте затоа што паднавте во стапицата што е подготвена. Убеден сум дека премиерот и претседателот на Македонија, ниту премиерот Курти не го знаеја ова и дека оваа ситуација доби меѓудржавна димензија која не е корисна за никој“, изјави вчера лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за косовската државна телевизија
Најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ДУИ ќе замине во опозиција според Ахмети се само сон, бидејќи вели дека неговата партија и на следните избори ќе биде победник.
„Опозицијата може секој ден да бара избори и да ја гледа ДУИ во опозиција, но треба да се освестат дека гледале сон што нема да се оствари. ДУИ не се победува со пароли и гнев, напротив, кога дури и Зоран Заев нѐ гледаше во опозиција, ние освоивме за над 50 отсто повеќе мандати и излеговме како победници. Значи, нека мислат тие партии што сакаат, но ДУИ нема да стане опозиција, затоа што сите овие години постигнуваме опипливи работи и, да нагласам, со ДУИ Албанците беа факторизирани на државно и институционално ниво“, изјави Ахмети.