Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, на гостувањето во летното издание на „Клик Плус“ на ТВ21 во однос на линеарното зголемување на пензиите, согласно барањата на пензионерите кои во изминатите денови имаа протести ширум земјава, изјави дека „не може да се изедначат луѓето кои работеле 45 години, и луѓе кои работеле 15 години“.
„Пензионерите велат дека животниот стандард и висината на пензии се доведени да преживуваат. И јас се согласувам дека најниските пензии се мали. Но, износот на пензиите зависи од тоа колку во нашиот работен век сме придонеле во пензискиот систем и во должината на работниот стаж. Не можеме да ги изедначиме луѓето кои работеле 45 години, и луѓе кои работеле 15 години. Не може да ги изедначиме луѓе кои работеле на сложени работни места, и имале поголеми плати, и луѓето кои имаат минимална плата, а платата се формира согласно сложеноста на работа. И тоа што го инвестираме во пензискиот фонд низ работниот век, тоа ни се враќа со пензиите.“, изјави Тренчевска.