Британската Влада работи со авиокомпаниите за да обезбеди патниците кои се блокирани на аеродромите ширум Европа да се вратат дома по дефект во британскиот систем за контрола на летање што предизвика големи нарушувања кои веројатно ќе траат со денови, објави Ројтерс.
Повеќе од 1.500 летови беа откажани вчера бидејќи контролорите на летање мораа да се префрлат на рачно управување поради технички проблем. Тоа беше празник во делови од Британија и еден од најпрометните денови во годината кога завршуваат училишните празници. Министерот за транспорт Марк Харпер предупреди дека може да поминат неколку денови за да се отстранат сите проблеми, иако самиот дефект е саниран по неколку часа.
Рајанер утре ќе лета со нормален распоред, изјави главниот извршен директор на компанијата Мајкл О’Лери, критикувајќи ја британската управа за воздушен транспорт поради начинот на справување со кризата. „Сè уште не добивме објаснување од нив, што точно го предизвика тој неуспех вчера и каде беа нивните резервни системи“, објави тој на Твитер.
Харпер истакна дека владините претставници не веруваат дека техничкиот проблем, прв од вакви размери во последната деценија, бил резултат на кибер напад.
Г. Т.