Настаните во Слупчане, иако од енергетска природа, се претворија во етно-политика! Дали овие случувања укажуваат на присуството на етноцентризмот како континуиран феномен во медиумите, особено на тие онлајн? Како се разликуваа известувањата на медиумите на албански и македонски за Слупчане? Како се случи во дел од македонските медиуми да има многу критики, па и пародија, додека во некои албански медиуми виктимизација на жителите, кои не ги плаќаат сметките за потрошена енергија?
Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ
Медиумскиот систем на Република Северна Македонија, односно традиционалните медиуми а особено оние кои функционираат во онлајн сферата, продолжува да биде доминиран од известување со етноцентричен наратив.
Како сме истакнале и претходно, текстуалната и содржинската анализа на медиумите доведува до заклучок дека известувањето полно со предрасуди и стереотипи на етничка и верска основа е главно присутно во медиумските продукти кои се занимаваат или се поврзани со меѓуетнички или меѓуверски прашања. Но, неодамна, истражувањата покажуваат и аргументираат дека етноцентричното (повеќе) и религиозно-центричното (помалку) известување, исто така, опфаќа и прашања кои не се исклучиво етнички или верски.
Македонските медиуми – „Не е лесно да се влезе во Слупчане“, албанските медиуми – „виктимизираат“
Во јули годинава повторно беше актуализирано прашањето за неплаќање на сметките за струја кон австриската компанија ЕВН во селото Слупчане во Липково, познато во 2001 година како едно од огништата на конфликтот во Северна Македонија. Во известувањето на медиумите за овој проблем доминираше етничката стереотипизација, слично како во известувањето за кражба на електрична енергија во Северна Македонија во септември минатата година, каде како типичен пример беше посочена општината Арачиново.
Додека во повеќето медиуми на албански јазик случајот беше претставен на објективен и коректен начин, иако во некои од нив имаше „обојувања“ што ги „виктимизираат“ жителите на Слупчане кои не плаќаат струја, во најголем дел од македонските медиуми известувањето беше во согласност со објективното отсликување на случувањата, но со доза на иронија дека ЕВН не може да влезе во Слупчане, правејќи аналогија со фактот дека ова село за време на конфликтот во 2001 година беше „слободна зона“, во која полициските и воените сили на земјата не беа во можност да навлезат. Не изостана ниту известувањето за хуморот и пародизирањето на темата направени на социјалните мрежи, што често може да предизвика реакции со етнички мотиви.
Како што покажува порталот агрегатор на вести на македонски јазик Time.mk, најголемиот дел од медиумите известиле со формулацијата, “Слупчане остана без струја поради неконтролирани кражби, мештаните не дозволуваат влез на екипите на ЕВН во селото“. Но, другиот дел од нив известувал со наслов “Жителите на Слупчане со запалени гуми го блокираа влезот на екипите на ЕВН“. Медиумите своето известување го базираа на видеото што го објави ТВ 21 на социјалната мрежа Фејсбук.
Уште на 7 јуни 2023, порталот „Плусинфо“ објави за насилно попречување на екипите на ЕВН од страна на 200 жители на Слупчане, за извршување на потребните работни активности за реконструкција и модернизација на електричната мрежа во селото. Порталот „Плусинфо“ го објави одбивањето на граѓаните на екипите на ЕВН со наслов „80% ОД СТРУЈАТА ЈА КРАДАТ, ОСТАНАТАТА НЕ ЈА ПЛАЌААТ? „Слупчaнци ги избрка екипите на ЕВН“. Според порталите, „Вкупните годишни загуби поради кражби на струја во селото Слупчане изнесуваат повеќе од 1 милион евра, односно околу 6 GW/h. Процентуално, 80% од годишната потрошена енергија се краде, а успешно се наплаќа само една третина од останатите 20% фактурирана енергија.“
Порталот „Мкд.мк“ во известувањето го потенцира во фактот дека „ЕВН не може да влезе во Слупчане, жителите бараат да им се простат долговите“. Мкд.мк објави: “Жителите на липковско Слупчане денеска повторно не им дозволиле на екипите на ЕВН да работат на мрежата, со барање да им се простат досегашните долгови.“
Во насловите физичките напади се претставени како факт, во известувањата не се докажани
„Макфакс“ објави со наслов, “ЕВН одново со проблеми во Слупчане: екипите се соочуваат со физички напади, како и блокади за влез во селото“. “Неуспешни се обидите да се направи реконструкција на електродистрибуциската мрежа во Слупчане, а екипите добиваат вербални закани и се цел на физички напади.“ Така, како што се гледа во објавата, се зборува за „вербални напади“ и „можни физички напади“, додека во насловот „физичките напади“ се пренесуваат како факт. Ова секако прави насловот, бидејќи е сензационалистички, да биде покликуван. Истиот портал известуваше за загриженоста на граѓаните за плаќањето на струјата и пред блокадата, додека насловот на содржината беше „Слупчане без и со струја: Гнев кај жителите, штети имаат и тие кои плаќаат сметки, еден упати и повик да се запали ЕВН“. Но, овој портал ја објави репортажата на својот официјален канал на Јутјуб со наслов: “Слупчане и струја: Гнев кај жителите, повик и да се запали ЕВН“, додека во медиумските содржини само едно лице повикува на палење на австриската компанија.
И порталот „Република“ извести за „Физички напади и блокади за екипите на ЕВН: Повторно спречени од жителите на Слупчане да пристапат до трафостаницата“. Но, во известувањето не се документирани „физички напади“, како што пишува во насловот, додека се вели дека “работниците од Електродистрибуција накратко влегоа во Слупчане за да работат на мрежата, но за миг се соочија со толпа гневни граѓани, кои подоцна го блокираа патот. Жителите имаат свои барања, меѓу кои едно од главните е отпис на долговите. Од ЕВН тврдат, долговите се бројат во милиони евра.“
Додека медиумите пишуваат дека висината на долговите е околу еден милион евра, овој портал дезинформира дека оваа сума е неколку милиони евра.
Електричната енергија во Слупчане се поврза со 2001 година и европските интеграции
Порталот „Експрес.мк“, давајќи поизразен етнички призвук, извести со наслов, „Кој плаќа за скапата струја од силните рефлектори на споменикот на УЧК во Слупчане“, и ја објави осветлената фотографија на споменикот. Според овој портал, “Судирот меѓу жителите на Слупчане и екипите на ЕВН за со години неплатените сметки за струја во ова кумановско село на површина извади и едно друго прашање кое досега никој не го споменуваше и за кое без да знаат најверојатно плаќале сите граѓани на Македонија“.
На истата тема извести и порталот „Денешен“ извести со наслов, “СМЕТКИ ЗА СТРУЈА БЕЗ КРЧМАР: Кој плаќа за рефлекторите на споменикот на УЧК во Слупчане, кое бара да биде џабе и за џамиите?“.
Слупчане стана тема поврзана дури и со евроинтеграциите. Познатата новинарка Катерина Блажевска напиша коментар со наслов „ЕУ преку Слупчане“, објавен на порталот „Призма“, производ на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН):
“За да ја придвижат земјата кон ЕУ, партиите мора да се усогласат дека ќе одат по истиот пат. И дека за сите и секаде ќе важат истите стандарди. Зашто нема како да влеземе во ЕУ, ако не можеме да влеземе ни во наше Слупчане без полициска придружба. Или да наплатиме данок во Арачиново“, напиша Блажевска.
Многу албански медиуми со апологетски известувања
За настаните во Слупчане во албанските медиуми главно се известуваше објективно и правилно, иако е забележана апологетска нијанса кон жителите на Слупчане.
Што се однесува до балансирањето, покрај жителите на ова село, голем медиумски простор е даден и на ставовите на компанијата ЕВН, што може да се припише и на тоа што оваа компанија се рекламира во многу медиуми, што на некој начин говори на присуството на клиентелизам во медиумскиот систем.
Телевизијата Алсат извести со коректен наслов „Жителите на Слупчане ги уништија трафостаниците и оставија голем дел од Липково без струја“.
Објавата се фокусира на известувањето на ЕВН, во кое се вели: “Жителите на Слупчане по денешната целосна блокада за да не работат повторно екипите на Електродистрибуциja, ги уништија трафостаниците за снабдување со електрична енергија и направија дефект од највисок степен, поради што жителите од селото и пошироко ги оставија без струја, известуваат од ЕВН.“
Додека порталот „Лидери.мк“ извести драматично и со сензационалистички пристап: „НАЈНОВА ВЕСТ: ЕВН со полиција и специјални единици се обидува да влезе во Слупчане“. Овој портал пишува дека „Енергетската компанија ЕВН-Македонија побарала засилување и полициска придружба за да влезе во кумановско Слупчане и да постави часовници надвор од куќите. Жителите дури велат дека покрај униформирани полицајци чекаат и припадници на Специјалните единици“.
Дневниот весник „Коха“ извести со наслов „СЕЛО СЛУПЧАН БЕЗ СТРУЈА! Не третираат како народ од џунгла, а не како од Европа“. Овој медиум го цитира жителот на ова село, Фејзула Арифи, кој рекол дека „Ако вака продолжи и во наредните денови, тогаш тоа значи дека навистина нè третираат како народ од џунглите, а не од Европа. Оваа постапка е спротивна на сите локални и меѓународни закони, едноставно е напад на основните човекови права загарантирани со Конвенцијата на ОН“. Во друг напис овој медиум како одмазда ја претстави одлуката на ЕВН за прекин на струјата во некои села: „ЕВН се одмаздува, го остава Липково во мрак“.
Еден нов портал, „Твњуз“ настанот го толкува исклучително од етничка призма. Порталот извести со наслов „ЕВН со дискриминаторски пристап: Албанците сакаат да ги стават часовниците надвор од куќата, а Македонците не“. Порталот во извештајот меша жанрови: вести (факт) и коментар (мислење) бидејќи коментира дека „Жителите на Слупчане се чувствуваат дискриминирани бидејќи часовниците се поставуваат надвор од куќите само во делот каде што живеат Албанци“.
Мешање веста со коментари има и кај порталот „Журнал“. Во содржината со наслов „Зошто кога на политиката и треба тензија, секој пат се чепкаат Слупчане и Албанците од Куманоново?!“ пишува:
„Жителите на ова село уште еднаш поставија легитимна дилема. Покажувајќи дека не се против поставување на часовници, порачаа дека ќе дозволат нивно поставување кога такво нешто ќе се заврши и во селата во кои живеат само Македонци и Срби, како во Уминдол, Љубпдраг, Ново Село, Речица, Режановце. .
На оваа дилема нема одговор од надлежните. Дали е точно дека во селата во кои живеат само Македонци и Срби, како во Умин Дол, Љубидраг, Ново Село, Речица, Режановце, часовниците не се поставени како што треба во Слупчане? Доколку оваа дилема што ја искажаа жителите на Слупчане не е точна, тогаш излезете и кажете со аргументи дека не е точна. Ако е точно, тогаш треба да се покаже зошто се прави таков избор, дека во некои села се поставени часовниците, а во други не“.
На порталите се објавуваат пародии од социјалните мрежи
Случувањата во Слупчане на социјалните мрежи предизвикаа и реакции со дози на хумор или пародија, давајќи контекст на барањето на жителите максималниот износ на сметките за енергија да биде 3.000 денари.
- „Замисли влагаш у маркет и им викаш ја сум од Слупчане, сметкава макс 3 илјадарки ќе ја куцаш, разбра“, портал Скопје1, 27 Јули 2023.
- “Лепа Брена и Боба краделе струја, имаат вила во Слупчане гарант“, портал Репортер, 27 Јули 2023.
Порталот „Репортер“ пренесе коментар од социјалната мрежа Твитер, со кој се пародира веста за кражба на струја од познатата екс-југословенска поп пејачка Лепа Брена.
Заклучоци
Медиумите во земјава не известуваат со етноцентричен и религиозен дискурс и наративи само за етнички и верски прашања. Истражувањата покажуваат дека овие појави се присутни и кога се третираат и се известува за неетнички прашања.
Прашањата кои се проблематични, како кражбата на струја или неплаќањето сметки, често добиваат етноцентрична димензија, односно известување со етнички стереотипи.
Во најголем дел од македонските медиуми е забележано и евидентирано известување кое главно се базира на објективност и рамнотежа, но во дел од нив е забележано тенденциозно известување проследено со иронични и пародични тонови, што произлегува од фактот дека ЕВН не може да влезе во Слупчане и тоа што жителите бараат да не плаќаат сметки повисоки од 3000 денари.
Додека во албанските медиуми, иако (можеби од клиентелистички причини) е даден значителен простор на ставовите и оценките на австриската компанија ЕВН, преовладува заклучокот дека известувањето е во голема мера објективно и коректно. Сепак, не изостанаа етнополитичките коментари кон енергетскиот проблем, додека во дел од нив забележуваат дискриминаторски или антиалбански тенденции од компанијата, што во позадина имаше апологија за реакциите на жителите, дури и виктимизација на оние кои не ја плаќаат струјата поради тешката економска состојба, односно невработеноста и сиромаштијата.
(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските и другите експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.
Извор: Има