Учеството во заеднички кампањи и здравствено превентивни активности, зајакнувањето на соработката во областа на обезбедувањето на прва помош и психо-социјална поддршка, биле главните цели за што денеска меморандум за соработка потпишале министерот за здравство Фатмир Меџити и генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити.
Согласно меморандумот, како што се наведува во соопштението на Министерството за здравство, двете страни ќе спроведуваат и активности што ќе придонесат и за подигнување на свеста за крводарителството, унапредување на социјално – хуманитарни активности, како и подготвеноста за одговор при катастрофи.
Според министерот, овој меморандум ќе даде значаен придонес за зајакнување на нивната соработка со Црвениот крст, а од сето тоа најголем бенефит ќе имаат граѓаните.
– Ќе работиме на различни значајни активности што ќе овозможат граѓаните да добијат дополнителна поддршка и едукација за различни теми, меѓу кои важноста од правилно и навремено укажување на прва помош и превенција на заразни и незаразни акутни и хронични заболувања, се истакнува во писмената изјава на Меџити.
Како што се додава во соопштението, со меморандумот е предвидено воспоставување на иновативни здравствено – социјални услуги, согласно потребите на различни целни групи на население и инкорпорирање на истите во системите за здравствена и социјална заштита.
– Две од клучните активности во кои ќе се одвива соработката, а ги пилотира „Црвениот крст“ на Република Северна Македонија се услугата „итно копче“ и услугата што обезбедува наменски транспорт за лица кои не се во животно загрозувачка состојба и кои не се во можност самостојно да обезбедат превоз за користење на здравствена, социјална или друга административна услуга, заради старост, болест или потешкотии при самостојно движење, пишува во соопштението.