Пишува: ДИЈАНА ТАХИРИ
Протестот за случајот со злоупотребата на лековите во Онкологија, на кој граѓаните синоќа излегоа да го изразат револтот и да бараат правда за исклучителната нехуманост од страна на одредени здравствени работници, очекувано, и според најавите, беше киднапиран и злоупотребен од партиите Левица и ВМРО –ДПМНЕ. Од здравствените работници се очекува (и дале заклетва) дека етички ќе ги извршуваат должностите во својата професија. Револтот на граѓаните не смее да се злоупотребува за политички цели.
Освен паролите со говор на омраза и вулгарните транспаренти, меѓу демонстрантите се појави и девојка облечена во народна носија и маска со обележја на познатата озлогласена, екстремно десничарска група Кју Анон, давајќи му на протестот уште една димензија, секако, во погрешен правец. Наместо да им се даде простор на граѓаните да си ги изразат своите незадоволства и револт пред институциите, протестот се сведе на „извонредна“ шанса за дел од опозицискиот блок партии да си ги „играат“ своите агенди на улиците.
За потсетување – кои се Кју Анон?
Кју Анон е американско политичко движење што се бави со теории на заговор, а потекнува од американската екстремно десничарска политичка сфера од 2017 година, и познати по приврзаноста на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. На светската јавност им се познати по дивјачкиот упад на инаугурација на новиот претседател (Џо Бајден) во просториите во и околу Капитол, во кој животот го изгубија пет лица, меѓу кои и еден полицаец. Инаку, групата Кју Анон меѓу другите контроверзни активности, е еден од дистрибутерите на лажни вести, дезинформации и пропаганда креирани од Кремљ.
Имајќи ја предвид идеологијата и поврзаноста на Левица со рускиот политички врв, веројатно и овој „орнамент“ на синоќешните протести е дел од нивната „сценографија“ – за покажување лојалност кон своите центри на политичка моќ, но и бескрупулозна злоупотреба на просторот на граѓаните што излегоа на протест по своја волја.