„Национална установа Џез оркестар, која освен што доби трајна адреса од страна на Владата во Националната опера и балет, добива и финансиски средства за соодветно реновирање на просториите. Новиот дом на џезерите, „Куќата на џезерите“ доби од Владата над 11 милиони и 700 илјади денари од кои 10 милиони се средства од ТАВ програмата“ изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на прес-конференција.
Тој додаде дека со ова се создава модерен амбиент каде оркестарот ќе може непречено да создава џез музика, со што Северна Македонија ќе ја постави на мапата на земји кои институционално го негуваат овој стил на музика.
„Се работи за финансиски средства од ТАВ програмата, поточно за позитивната разлика од околу 30 милиони денари помеѓу проектираната и изведбената цена од веќе изведените инфраструктурни проекти по нашите општини“ рече Битиќи.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска кажа дека Министерството обезбедило изработка на основен проект за просторот со површина од 475 квадратни метри.
„Се предвидува уредување на простор за проби и режија, мало студио, простор за чување на инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории“ рече министерката Костадиновска-Стојчевска.