Европска поддршка за Грција во справувањето со последиците од катастрофалните поплави во земјата, ќе биде главната тема на денешните средби во Стразбур на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и со претседателката на Европскиот Парламент Роберта Мецола, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис за Стразбур заминува со владин тим од пет министри и заменици.
Во неделата, најавувајќи ја средбата со фон дер Лајен, грчкиот премиер истакна дека постојат многу опции за финансиски средства, преку кои ЕУ може да ѝ помогне на Грција и изрази сигурност дека „Европа финансиски ќе ја поддржи земјата за да не мора грчките даночна обврзници сами да ги сносат големите трошоци за санирање на штетите што ги остави зад себе невремето“.
Во поплавите во Грција предизвикани од невремето „Даниел“, досега, животот го загубија 15 лица, двајца се исчезнати, а со повлекувањето на водата, на виделина излегува и големината на штетите во погодените подрачја.
Грчките медиуми пишуваат дека за справување со последиците од невремето, на земјата ќе ѝ бидат потребни над две милијарди евра.