Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во постојаното поткраднување на идеите од т.н. Шарена револуција, актуелната опозиција се обидува да ги изедначи некои одлуки на некогашниот претседател Иванов и актуелниот претседател Пендаровски поврзани со делењето на правдата во земјава.
На некој начин, нивните имиња само ја поврзуваат една партија, која еднаш се обиде да го искористи претседателот кој беше нејзин кандидат за таа функција, да се спаси врвот на „најнародните“ од активностите на СЈО. А сега истото тоа друштво, минус експремиерот Груевски, сместено во Палата „Татарчев“ се обидува да најде начин да притиска врз извршната и законодавната власт за одново да ја транзитира политиката на постојано одложување на одлучувањето на судовите во спорови каде нејзини видни функционери седат на клупата за обвинети.
Дус-дибидус бламажа на правосудниот систем!
Со оглед на дус-дибидус бламажата на системот на бесконечно одложување па застарување на предметите, сега, но и порано, се настојува тој систем на неказнивост да се претвори во закон (закони) со кој нивните пулени, врвни функционери ќе влезат во зоната на последната воздишка на олеснувањето. Тука се појавува името на актуелниот шеф на државата, Пендаровски, кој го потпиша донесувањето на последната измена на Кривичниот законик, што дел од јавноста го оцени како форма на пазарење откако партијата ВМРО-ДПМНЕ ја фати за гуша судбината на земјава. Преку инаетење и неизгласување на неопходните уставни промени, битни за продолжување на преговорите со ЕУ, оваа партија прави нешто што се нарекува – класична уцена од највисок ранг.
Ова и во формални толкувања на одредени средини, а уште повеќе во неформалните проценки, е протолкувано и како можност за барања на некакво изедначување на позициите на Иванов во текот на практично целиот втор мандат и поединечниот акт на Пендаровски за да го имаме заклучокот „сите се исти“.
И можеби, да отпочнат реакции како во времето на Шарената револуција, само сега во контра-правец, а делумно и со исти актери, демек некогашни „шарени“, како посакувана политичка цел.
Измислени паралели
Во досегашните настани околу измените на КЗ, реакцијата на парламентот и шефот на државата секако е битно различна и не дозволува такви паралели, но колку и носителите на тој проект да го објаснуваат тоа постојано, ова нема кој да го чуе. Креирањето на јавното мислење од еден центар во оваа земја, успешно си ја врши и во оваа прилика својата работа, та дури може да се рече дека тоа е единствена успешна операција во последните децении во земјава која дава ефекти секогаш и речиси „од прва“!
Обидот за изедначување на Шарената револуција со некој нов масовен изблик на незадоволство, со чест избор на наслови од орманот на патриотическите дресови, кон оваа власт – не е нов. И како тоа завршуваше?
Се сеќавам дека на едно од последните судења на сега пребеганиот Груевски во Кривичниот, повикот за бунт пред Судот наиде на – дебакл.
Ама комплетен.
Ги броев присутните кои се обидоа да го спречат одвивањето на сообраќајот и таму беа само 9-мина! Имаше потоа – да не набројувам – уште многу други слични фитилења на незадоволство, на пример со повод – цената на струјата, пензиите, високи плати на функционерите, штрајкови на одредени групации, ама сето тоа заврши со недостаток на извршители на волјата на партискиот врв од „Татарчев“.
На некој симболичен начин, постои континуиран обид на таква симулација преку копирањето на мотивот кој покрена повеќе десетици илјади демонстранти да излезат на улица пред седум години, а по повод прашањето на нееднаквото делење на правдата во општеството низ разните форми на аболиции и амнестирања.
Иванов ја испровоцира Шарената револуција
Да се потсетиме дека Шарената револуција започна како реакција на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да аболицира 56 политичари и нивни соработници на 12 април 2016 година. Истиот ден, некој час подоцна откако Иванов ја соопшти одлуката, на улиците излегоа демонстранти и ја нападнаа канцеларијата на претседателот Иванов.
Имаше и обид да се протестира пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но полицијата беше ставена во позиција на „тврд обрач“ Потоа следеа други протести со зборно место кај првото седиште на Специјалното јавно обвинителство до Студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“. Потоа дојде и реакција со одлуката на повлекување на аболицијата (најпрвин само за 22 обвинети кои биле политички експонирани, а потоа за сите) за што имаше влијание и меѓународниот фактор (присутниот Јоханес Кан, на пример).
Барањата на Шарената револуција беа следните: повлекување на аболицијата и тоа беше спроведено; неотповиклива оставка на Иванов (неисполнето); носење на одлука на Уставен дека СЈО е уставна категорија (неисполнето), формирање на мешовита влада (делумно исполнето), и некои поситни, да речеме, кои главно не беа исполнети.
Последниот протест на Шарената револуција беше на 26 септември 2016 година. Во тек беше предизборието по што дојде до промена на власта.
Успехот на Шарената револуција значи беше ограничен – успешен во битката со жителот на претседателската палата на Водно, во отфрлањето на аболицијата на средство на злоупотреба на власта, но не и како единствен фактор, плус непродуктивен и во предизвикувањето на други, посериозни промени во општеството. Тие дојдоа дури после оној крвав 27 април 2017 година, кога се создадоа парламентарни претпоставки за промена на власта.
И повлечена аболиција направи и прави проблеми
Колку за аболицијата, и покрај тоа што Иванов ја повлече, таа беше искористена и даде простор за одредени бегства. Двајцата клучни обвинети во предметите на СЈО, Никола Бошковски и Горан Груевски, избегаа во странство за да се спасат од кривичен прогон; беа фатени во Грција со фалсификувани документи. Врховниот суд на Грција го одби барањето на Македонија за нивно испорачување, токму повикувајќи се на аболицијата на Иванов! Слични проценки вон земјата се правени и во други случаи.
Мора да се потсетиме, за да ја објасниме до крај улогата на претседателот Иванов во процесирањето на аболицијата и помилувањата и, да речеме, низ случајот на повторното судење за ТНТ, на екс-министерот Миле Јанакиевски. Тој тогаш, повторно како доказ, го поднел решението за аболиција од претседателот Ѓорге Иванов, иако претходно тој аргумент му бил отфрлен!?
Една од основните логички лекции е дека не е можно со повторување на истите постапки да се очекуваат различни резултати. Но, во македонското судство оваа логика, заклучиле многу аналитичари, ова не важи секогаш.
Судовите тогаш ги отфрлаа тие докази затоа што, во меѓувреме, поранешниот претседател донесе одлука да ги повлече помилувањата. Сепак, сето тоа се случуваше во општествено-политички контекст, во кој имаше големи очекувања во јавноста за тие предмети да поминат низ судска постапка.
Иванов си тера по свое
Инаку, по неуспехот за формирање влада на Груевски во јануари 2017 година, продолжи злоупотреба на функцијата претседател на државата, за да се оневозможи нормална транзиција на власта, откако се востанови нова коалиција, СДСМ и ДУИ. Нели, тука е претворањето на идниот мандатар Заев во „студент“ кој треба да ја однесе програмата на владата на преиспитување кај Иванов, како да се работи за семинарска работа!?
Или обидот, преку одлука на Уставниот суд (на 18 март 2016 година), да му го врати на шефот на државата правото на аболиција, иако претседателот Ѓорге Иванов, изјави дека нема намера да помилува лица кои се вмешани во изборни нерегуларности. Во овој Суд, ВМРО-ДПМНЕ имаше зацементирано влијание за лесно да ја врати аболицијата како неспорно право на шефот на државата.
Барање за нова аболиција од шефот на државата Ѓорге Иванов, непосредно пред крајот на неговиот мандат, побараа и осудените за „крвавиот четврток“ и собраниските случувања од 27 април! Според барателите, со тоа би се елиминирала неправдата и селективниот пристап сторен со Законот за амнестија, кога од вина беа ослободени дел од обвинетите, а во март 2019 година другите ја немаа таа среќа -16 лица беа осудени на казни затвор од 7 до 18 години, или на вкупно 211 години.
Отсуството на моќ за подобрување на статусот на СЈО, за што се залагаа и „шарените“ јасно ги покажаа стратешките цели на политиките на црвено-црните. Да се дозлоупотреби, до наредните претседателски избори, местото и улогата на Иванов (кулминираше секако во текот на организацијата на обидот за извршување на пучот од 27 април 2017 г.). Потоа, да се атакува врз функционирањето на СЈО (институционално и, секако, со корупција, која ја доуништи институцијата) и она што е многу важно и од денешен аспект – комплетно блокирање на третата власт преку системот на „сваровски“ судиите. Истото беше претходно востановено, што буквално има силен ефект со години во континуитет, без оглед што повремено имало обиди да се протресат некои од таквите судии „до гаќи“.
Користење на луѓето во тоги
Она што целосно ја отсликува комплетната травестија на главната опозициона партија е обидот да се злоупотребува третата власт, истовремено прикажувајќи ја таа експлоатацијата на луѓето во тоги како слабост на актуелната власт во водењето на земјата. И дури, портретирајќи ја неефективноста на таа, во основа вмровска алатка, за периодот после следните избори, „тогаш кога СДСМ и ДУИ ќе ги изгубат изборите“. Односно, како напад против партиите на власт, со што одговорноста за измени во КЗ ВМРО-ДПМНЕ ја префрла најбезобразно во туѓиот двор!
Значи, обидот за имитација на Шарената револуција не изгледа само како повторно користење на „износени чевли“, бидејќи актуелната опозиција и без тоа користи поефективни алатки, дури и кога салонот за сваровски драгоцености на улицата Македонија се затвори, можеби заради кусок на стока, односно заради тоа што изгледа дека онаа номенклатура која добиваше подароци, едноставно е презаситена.
Таков е случајот и сега со последните измени на Кривичниот законик (КЗ) зад чие донесување со својот разбирлив интерес стои опозиција односно во најголема мерка нејзините спонзори. Истите, се разбира, имаат големо влијание во сите сфери, па и во купувањето на јавното мислење.
Тоа ги отвори старите правни дилеми, но и разногласија. Особено затоа што можеше комплетно да ја анулира позицијата на Специјално обвинителство, кое требаше да ги истражи и гони криминалите, вклучително и делата кои се во врска со претходните избори.
Истражувањето на БИРН покажува дека најмалку четири случаи на државна милост (амнестии, аболиции) ја обликуваат денешната политичка реалност во Македонија, во која фактор се обвинети и осомничени за кривични дела, а меѓупартиската дебата често се сведува на тоа кој е „поголем криминалец“.
За најмалку три од тие одлуки може прецизно да се утврди каде скршнале од патот на Уставот, законите и правилата или на меѓународните конвенции што ги потпишала државата, меѓутоа тоа никогаш не се случи, па денес тие се прифатени како реалност и се проблематизираат исклучиво во интерес на меѓупартиска пресметка.
Одлуката на Собранието дека нема потреба од автентично толкување на Законот за помилување, барем навидум, го затвори прашањето дали претседателот Ѓорге Иванов имал право да ги донесе одлуките за аболиција од 2016, иако опцијата Уставниот суд да реши поинаку теоретски сѐ уште постои.
Аболицијата како практика највеќе ја имаше во простувањето на воените злосторства на ОНА во формирањето на нова влада, после јунските избори во 2011 година (втора година од првиот мандат на Иванов). Во дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ може да се слушнат Никола Груевски, Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и Силвана Бонева како ги коментираат овие настани и како признаваат дека ја носат таа одлука само за да можат да направат коалиција.
„Да баталат сѐ и да одат таму“, се слуша гласот на Груевски во една од снимките, откако дознал дека голем број пратеници наоѓале изговори да не присуствуваат во салата додека се гласа.
Дел од 56-те лица опфатени со аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов од 12 април 2016 година (политичари, нивни соработници и поддржувачи, како што стоеше во одлуката), исто така се политички активни или на слобода.
Министерката Дескоска во една анализа вели дека во барањата за екстрадиција до Грција и до Унгарија за бегалците Горан Грујевски, Никола Бошковски и Никола Груевски било наведено дека помилувањата се ништовни. Судовите во тие држави, сепак, проценија поинаку, бидејќи немаше правен акт со кој се утврдила нивната ништовност. Тоа ги охрабри и другите обвинети да најавуваат дека ќе бараат правда надвор, ако тука бидат осудени. Ова секако укажува на долготрајните последици од еден акт на Иванов од 2016 година!
Објаснувањата на Пендаровски – има ли кој да ги чуе?
„Постои голем степен на недоверба кон политичарите воопшто, без разлика од која страна се, тоа дури придонесува за некаква релаксација“, вели професорот Калајџиев во една полемика околу аболицијата и помилувањето. Дали тоа се случува и сега, кога Собранието донесе одлука за измени на КЗ, а истото го потпиша претседателот Пендаровски на 31 август?
Претходно, кусо да потсетиме, Собранието на 30 август во скратена постапка и со европско знаменце ги изгласа измените кои предвидуваат укинување на еден и измена на неколку други членови од Кривичниот законик во однос на делата „злоупотреба на службена положба“ и „злосторничко здружување.
Ова возбуди многу духови кои посакаа да го обвинат актуелниот шеф на државата дека го повредил „авторското право“ на Иванов односно ВМРО-ДПМНЕ во односот на амнестијата на истакнати поединци од политичкиот живот. Има ли таа аналогија било каква основа?
„Со измените во Кривичниот законик, усвоени од Собранието, не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата. Напротив, казни и понатаму се предвидени за сторителите на тие дела, со тоа што со овие измени акцентот е ставен и на т.н. проширена конфискација на имот“, соопшти кабинетот на Пендаровски.
Во тој дел, се вели понатаму, измените на Законот се усогласени со европската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела.
„Со измените на Кривичниот закон нема никаква амнестија. Ниту една одредба не го предвидува тоа. Се скратуваат затворските казни за некој дел, па ако биле десет, сега се пет години или ако биле пет, сега се четири години. Значи, затворот останува. Исто така, се проширува или олеснува процедурата за конфискација на имот“, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во телевизиско гостување во одговор на прашањето во врска со донесувањето на измените на Кривичниот.
„Кога потпишувам закон, кажувам зошто го потпишувам, или не потпишувам, како што, исто така, имало случаи. Прво, се создаде една заблуда во јавноста дека станува збор за амнестија, па дури и чув изрази кои никогаш не сум ги чул во животот иако сум правник – некаква ‘скриена амнестија’. Такво нешто не постои. Амнестија е кога јас тебе сосема ќе те ослободам од издржување казна затвор, ниту ќе почнеш да издржуваш, а ако си на издржување – излегуваш. Нема ниедна одредба од овој Закон која тоа го прави. Значи, нема никаква амнестија. Има – прво, се скратуваат казните затвор за некој дел, ако биле 10 сега се пет години, ако биле 5 сега се 4 години, значи затворот останува, казната затвор останува и што се случува друго? Се случува проширување или олеснување на процедурата за таа конфискација на имот. И сега тука е главната работа која мене ми даде за повод да го потпишам Законот и да го образложам бидејќи имав на тема и образложение во јавноста“, рече Пендаровски за утринската програма на ТВ Сител.
Досега, додаде, имавме т.н. проширена конфискација на имот.
„За жал, нашите судии тоа многу, многу не го користат. Имаме еден или два јавно познати случаи, зборувам за поголемите случаи каде што е бајаги пара украдена од народот кога се спомнува дека нечиј имот ќе оди на продажба затоа што има таква мерка. Ние генерално, не само судиите, менталитетот наш е – дај му 20 години затвор нека скапе, ова другото е запоставено. Европските трендови се обратни. Ќе си лежи затвор ама не 20 години, ќе лежи 2, 3, 4 години за тоа што го направил утврдено со суд ама да ги врати парите до последно зашто мотивот за коруптивно однесување е да ги заработиш парите, па сигурно сте слушнале – ‘па можам да одлежам некоја година, ама ова ќе ми остане’. Ако не ти остане, немаш мотив да го правиш тој криминал. Со Законов се олеснува т.н. проширена конфискација на имот и тоа мислам дека е една битна работа – со тоа што судиите треба да почнат стварно да го применуваат. Значи, и сега го имаме, и уште полесно се олеснува, но дај боже судската пракса да се промени во таа насока. Многу луѓе и обичен народ ќе ти рече „не мора ни да лежи само да врати до последно што ми украл мене, тебе, народот. Такво нешто досега немаме видено во овие 32 години“, нагласи Пендаровски.
Според шефот на државата, никогаш проблемите што ги имаме, а ги имаме, како што рече, многу, во различни области, не се затоа што законите се лоши.
„Проблемите што ги имаме се од луѓето кои или не ги применуваат законите или селективно ги применуваат или наоѓаат дупки во законите, заклучи Пендаровски.
Дали уште некој по ова гледа било каква сличност меѓу прагмата на Иванов и начинот на третирање на својата улога како претседател кај Пендаровски? Има и ќе има такви – со измените на КЗ адвокатите ќе изгубат големи приходи во нивното успешно практикување на бесконечното одложување на процесите како единствена „правна вештина“ за која секако ќе бидат наградувани.
Некои други структури ќе изгубат тезги околу заштита на човековите права, а и институции кои работат добро, ама не можат да го прескокнат ѕидот на опструкцијата на судовите, обвинителствата и органите за извршување на пресудите сега треба да здивнат. Засега, тие се исто така гласни во критиката на промените во КЗ.
Земјава сè уште ги трпи штетните последици од одлуките на Иванов, посебно во меѓународно правните релации. До вилата на Водно нема слоновски патеки. Секој кон неа се упатува со својата посебност како личност, политичар и сфаќања за функцијата која ја обавува. Обидите за третман на оваа функција, како и политиката воопшто, кај нас често се како носењето на споменатите истрошени чевли. Тоа е многу опасна теза.
Извор: Цивил Медиа