Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Што донесе денеска поштарот од Будимпешта?
Можеби некое статусче или ферманче?
Форинти?
Пишуваат ли нешто во Централата на злото?
Одговори, напади, контранапади?
Или само се шетаат по затвори за да ослободат место за оние што ќе одговараат кога тие ќе дојдат на власт?
Мерат како во ќелијата на Горде да напикаат сто предавници.
Јас во тоа време ќе бидам труден.
Важно е да не престане одбраната на националните интереси што се продадени.
Во меѓувреме службите на историјата ќе нѐ деложираат од Македонија.
Секој момент го чекам нивниот шлепер пред Асном 32/1.
Хахаха!
Сите што го арчат своето внимание на ликови и настани од почетокот на овој текст, во сите форми освен во формата на тешка спрдачина и заебанција со тие скотови и идиоти, го распродава својот живот на тезгата за најшестокласната стока.
Не знам дали е можно, дури не знам дали има смисла, со оглед на нашите капацитети, да обрнеме внимание на некои посериозни, да не речам, филозофски аспекти на животот.
Пикон, Гомбрович, Хусерл, Сартр можат многу да ни помогнат.
Веќе пишував дека мораме да најдеме субјект кој ќе ја растури ноќта во која сите крави се црни.
Црни се оние кои мислат дека нашиот свет може да биде по наша мерка. Тоа е вморонска илузија на идиотите, односно идиотска илузија на вмороните.
Бели крави се оние кои мислат дека единствена шанса на Македонија е да успее да со доближи до мерката на светот за себе. И за нас.
Не е важно што ти мислиш за себе, туку што си.
Хармонизирај се со себе, не се инаети на вистината за себе колку и да не ти се допаѓа.
И со светот, се разбира.
Тоа е нешто што е најблиску до поимот национален и државен интерес.
Тоа за диктатите и што бил по националност Гоце, за вмро, па уште и за вербата во вмро како спасител, обеси ѝ го на првата мачка на опашката.
Ако е од ману или уким – уште подобро.
Сѐ друго се бајки кои порано или подоцна ќе завршат залепени на метлата на историјата.
Јас би рекол-порано, можеби сме веќе и залепени.
Ајде да повториме една стара лекција, овој пат специјално за академската загубеност, вморонската лудост и неутронската усраност:
„Ние повеќе не можеме да очекуваме од историјата единство на сите наши тежненија, тоа највисоко добро што сме го проектирале во иднината затоа што сме го загубиле во сегашноста.“
Се знае дека дијалектиката ја проектира, до крајни граници, надежта на една синтеза во која повторно ќе биде најдено сѐ што било надминато и одрекувано – во која духот повторно ќе стекне сѐ што уништил.
Но, кој уште се осудува со сигурност да го поистоветува движењето на историјата со движењето на дијалектиката?
Кој ни кажува дека историјата уништува само за да може повторно да создаде?
Кој ни кажува дека загубите не се конечни?
Конечно, не ли се шансите на бесмислата еднакви на изгледите на смислата?
Можеби се и поголеми.
Загубите на македонизмот се конечни.
Тоа е сигурно.
Во неговата класична варијанта.
Но, тоа не се загуби на Македонија.
Македонија расте на тие загуби.
Единствена штета е што загубите ги трпиме како резултат на порази, диктати и притисоци, а не на сопствените визии.
Тоа пак е проблем на политичката култура и особено на духовното, културно и политичко сиромаштво на политичката елита.
И на целиот народ.
Промените на уставот треба да ги прифатиме, особено ако се бугарски или европски диктат. Затоа што ние самите никогаш ништо не можеме да направиме. Таква ни е природата. Ние мислиме дека живееме на крајот на историјата во која сѐ што е остварено е наше и дека ние сме скроз остварени.
И замрзнати во тој велелепен статус.
Како ослиќи.
Но, во филозофска смисла, работите се посложени.
Ние сме вечни кандидати за емиграција, за кој било нов свет, само да не личи на нашиот. Проширувајки ја областа на своето сознание, нашиот свет не се проширува: тој се губи и се одрекува од себе!
Така ли е или не е така?!
Свет кој се свртува од себе и кој престанува да се сака себе си.
Но, може ли да постои каков тоа што не е!?
Можеби Македонецот не би се напуштал кога при самото поаѓање не би го имал оружјето на спасот.
Ние се препнуваме на самите откритија, а не новината на откривањето. На сите рамки, на сите договори. Второ, дури и кога ќе го прифатиме новото, го прифаќаме од милион други причини само не затоа што го разбираме. Најчесто под притисок или како имитација. И продолжуваме по старото. Да речеме, ние знаеме дека Фројд открил еден нов свет, но се разбираме себе си надвор од него. Се знае дека Историјата не е повеќе Историја на Европа, но се правиме или веруваме како тоа да не се знае или дека не е така. Уште го демонстрираме безобразлукот со кој некаква наша, драпај си мевот, македонска историја, ја истураме напред како основа на светот.
Малку е да се каже дека сме во присуство на нешто сложено, тешко, или, дури, мрачно: ние сме во присуство на немисливото.
Можете ли да замислите во каков аут сме и колку глупаво му изгледаме на Големиот архитект, со националните интереси и диктатите, со предвремените избори и додека сереме.
За да го достигне својот објект и да го достигне таков каков што е, пред мислата мора да постои објектот, а не само илузија на сознанието, потребно е мислата да се одвои од него да заземе во однос на него такво растојание што неговата сенка повеќе да не може да го покрие и помати.
Тоа е филозофската формулација на Пикон на идејата за ослободување на Македонецот од себе. Идеја што ја застапувам триесет години, повикувајќи се најмногу на Гомбрович.
Наместо тоа, Македонецот мисли дека веќе бил одвоен од себе и дека спасот е во тоа повторно да се соедини.
Ќулафкова и Коцарев: тоа е таа доктрина.
Во вмро!
Океј, соедини се, будало!
Спиноза сметал дека чувствата се неадекватни на сознаниијата.
Имај го макар тоа на ум.
Можеме значи да го пронајдеме светот дури откако ќе го загубиме онаков каков најпрво ни бил даден под видот на една осетна присутносг лишена од значење или едно значење без осетна присутност.
Мораме прво да го вратиме во состојбата на хаосот.
Хахаха!
И тој вистински свет, тој свет на коинциденцијата е свет на речиси неверојатна полноќа – и секогаш, можеби, одбоен од неа.
Сликата што сме си ја создале за себе не заебава, ограничува и оглупавува, мораме ја избркаме или да ја деконструираме. Дури тогаш нашиот уривачки дух ќе се смири и тогаш ќе се откријат ритмите, законите, дијалектиката, структурите кои се криеле во множењето на очевидностите и природностите.
Во појавноста и површноста на нашите животи.