Претседателот на Украина, Володимир Зеленски го потпиша Указот со кој на водечкиот македонски новинар Џабир Дерала му се доделува државната награда Орден за заслуги, објави украинската амбасадорка во Скопје, Лариса Дир на платформата Х.
Таа истакна дека Дерала се одликува за неговата високо професионална работа во обезбедување вистинити информации за руската агресија против Украина и спротивставување на руските дезинформации.
Претседателот на🇺🇦@ZelenskyyUa потпиша Указ со кој на водечкиот🇲🇰новинар @XhabirDeralla му се доделува државната награда Орден за заслуги
Обезбедување вистинити информации за агресијата на рф, спротивставување на🇷🇺дезинформации-работа на високопрофесионалниот новинар г-дин Џабир! pic.twitter.com/0ZVpuypMwr— Larysa Dir (@dir_larysa) September 26, 2023
Претходно, како што соопшти ЦИВИЛ, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со Указот број 556/2023 го одликува Џабир Дерала со Орден за заслуги, Со истиот Указ, со Орден за заслуги се одликувани и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и светски познатите актери, Ален Делон и Кетрин Денев.
На списокот на добитници на ова високо државно признание од Претседателот на Украина се наоѓаат и низа политички, научни и општествени дејци од целиот свет.
„Ова признание го доживувам како потврда за мојата работа и мојата посветеност кон обелоденување на вистината за трагичните последици од бруталната руска агресија против демократска и слободољубива Украина, наспроти жестоката пропаганда со дезинформации од кои страда и нашето општество. Сакам да се знае дека ова високо и за мене драгоцено признание го сметам како заслуга и признание за сите мои колешки и колеги во ЦИВИЛ, како граѓанска организација и како медиумска платформа, како и во Фронтлајн, каде што сум уредник. Ова високо одликување Претседателот на Украина е наша заедничка заслуга! Слава Україні!“, рече Дерала пред колегиумот кој се собра да му честита на својот колега.
Актуелната амбасадорка на Украина, Лариса Дир, вчера објави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски, на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, ѝ ја додели државната награда – Орден на принцезата Олга, од прв ред.