Со внатрепартиски препукувања не може да се привлечат независни гласачи, тие се привлекуваат со квалитетна понуда на проекти, порача екс премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во вклучување во живо, на порталот Инфомакс.
„Треба многу конкретна понуда, многу квалитетна понуда, не како досега ако СДСМ вика А ние да викаме Б. Треба обмислени проекти, со пресметка. Ние кога ја правевме програмата во 2016 година, со недели правевме пресметки дека тоа е остварливо, а имавме уште многу други идеи. Значи, треба квалитетна обмислена понуда“ истакна Груевски.
Тој посочи дека некој во ВМРО-ДПМНЕ погрешно се пресметал ако мисли дека со напади кон него ќе може да се зголеми коалицискиот капацитет на партијата.
„Потребна е и поголема активност на ВМРО-ДПМНЕ. Треба на тоа да се фокусираат а не да влегуваат во вакви шеми во кој знае кој ги втурнал. Или пак се резултат на нивни проекции дека тоа ќе им создало подобар коалициски капацитет дека ќе привлекле повеќе независни гласови. Ќе привлечат повеќе независни гласачи ако дадат квалитетна понуда, ако се активни ако се борат за граѓаните а не ако чекаат некој да падне за они да дојдат на власт“ заклучи Груевски.