Најистакнатиот руски опозициски лидер, Алексеј Навални денеска ја загуби жалбата против новата 19-годишна затворска казна, со што вкупната казна му се продолжува на повеќе од 30 години, пишува Ројтерс.
По расправата која беше затворена за медиумите, и покрај протестите на Навални и неговите адвокати, тој преку видео врска застана во својата црна затворска униформа и го слушаше образложението на судијата Виктор Рогов пред да му соопшти дека казната му е непроменета.
Рускиот апелациски суд ја потврди пресудата за екстремизам на Навални, отфрлајќи ги аргументите на одбраната кои се жалат на казната. Тоа значи дека Навални ќе биде испратен во затворска колонија со уште потешки услови.
Судот ја разгледа жалбата на одбраната на Алексеј Навални и Даниел Холодни и одлучи да ја остави првостепената одлука непроменета, се вели во одлуката на судот. Времето што Навални веќе го помина во притвор ќе се брои како еден ден за еден ден.
По одлуката на апелацискиот суд, казната на Навални стапи во сила. Тоа значи дека тој наскоро ќе биде префрлен во колонија со посебен режим согласно одлуката на судот. Засега е во колонија со строг режим во село Мелехово, Владимирско.
Навални ги отфрли сите обвиненија против него, кои се однесуваат од измама и непочитување на судот до низа „екстремистички“ активности, како обид да се замолчи неговата критика кон Путин.
Москва го смета Навални како екстремист и, без да обезбеди докази, како марионета на ЦИА.
Во август оваа година, Московскиот градски суд го прогласи опозицискиот лидер за виновен за финансирање екстремизам, создавање екстремистичка заедница и повикување на екстремизам преку Интернет.
Имајќи ги предвид досегашните пресуди и со делумен збир на казните, осуден е на 19 години затвор во колонија со посебен режим. Тој, исто така, беше казнет со 500 илјади рубли и забрана за користење на Интернет 10 години по неговото ослободување.
Второобвинетиот во случајот, поранешниот технички директор на каналот на Јутјуб на Навални, Даниел Холодни, беше прогласен за виновен за финансирање екстремистичка активност користејќи ја својата службена положба и учество во екстремистичка заедница. Тој е осуден на 8 години затвор.
Навални е убедливо најпознатата опозициска личност во Русија, при што поддржувачите го сметаат за личност во стилот на Нелсон Мандела, кој еден ден ќе биде ослободен од затвор за да ја води земјата.
Г. Т.