Трн: Кој може да аплицира?
Емилија: Јавни и приватни организации основани во земји-учеснички во програмата, а може да аплицират: училишта, градинки, универзитети, локални самоуправи, комори, невладини организации, здруженија на граѓани, односнонајразличен тип на организации што имаат регистрирано правен субјект во Република Северна Македонија. Во програмата, не се прифаќаат апликации од индивидуални учесници.
Мало здружение со голема идеја може многу да направи. Идејата е клучна, како и цврстината на партнерството и вољата за работа, изјави Емилија Петковска, советник во одделение за стратешки партнерства во полето училишно и стручно образование и координатор на Националниот тим за стручно образование и обука.
Доколку некоја организација не учествувала, а сака да земе учество во програмата, првично мора да отвори свој ОИД број и со тоа бројче може да аплицира на линкот за аплицирање објавен на веб-страницата на Националната агенција. Се работи за платформа каде што во исто време аплицираат апликанти од сите земји-учеснички во програмата, а апликацијата се пополнува и поднесува електронски. Таа е составена од сет прашања каде иновативно треба да се објасни кои приорети ги застапува партнерството, кои активности ќе бидат реализирани, со кои институции-партнери, каква е нивната претходна соработка во Еразмус и да се предвиди буџетот.
Трн: Колкав е буџетот по поле?
Емилија: Кај партнерствата од мал обем, буџетот изнесува 60 000 евра по поле со што може да се одобри една апликација со таа сума или две апликации да добијат по 30 000 евра. Што значи се грантираат вкупно од 4 до 8 апликации во сите полиња заедно.
Трн: Што се партнерства од мал обем?
Емилија: Со отворањето на новата програма 2021 – 2027, малите партнерства се воведоа како еден малку пофлексибилен формат за учесниците во програмата каде што се охрабрува влезот на новодојдени организации или „њукамери“ како што ги викаме, помалку искусни организации или организации кои воопшто немале искуство со Еразмус+. Затоа и буџетите се помали, правилата се пофлексибилни, нема потреба од многу известувања во текот на проектните активности, а целта на овие партнерства е да се унапредат вештините на учесниците во проектот и секако да се подобри капацитетот на самите организации согласно нивните потреби.
Трн: Што треба да знаат апликантите пред да аплицираат?
Емилија: Пред да се аплицира, она што е најважно е апликантот да најде институција-партнер од странство, бидејќи ова се интернационални партнерства. Партнери може да се најдат врз основа
на претходна добра соработка, или препорачуваме да ја погледнат платформата за објавување проектни резултати: „Платформа за Еразмус плус проектни резултати“ каде што само со куцање на еден клучен збор ќе им излезат партнерства и проекти кои се веќе завршени, па може да се искористат за инспирација. Друга можност е алатката за барање партнери на европската платформа ЕПАЛЕ, достапна и на македонски јазик.
Овие мали партнерства имаат пофлексибилен формат, помало времетраење и финансирање преку модел на паушални суми, а нам ни е важно на крајот тие активности да бидат реализирани навремено и со соодветен квалитет.
Трн: Колку држави треба да се вклучени?
Емилија: Кај малите партнерства мора да бидат вклучени минимум две организации од две различни држави учесничи во програмата и под тој критериум не може да се оди. Еден партнер од Република Северна Македонија, во случајов апликантот, мора да се вмрежи со минимум уште една организација учесничка во програмата Еразмус плус. По вмрежувањето тие договараат формат на соработка.