Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Уште во 50-тите години на минатиот век Бертранд Расел во неговите „Непопуларни есеи“ посветува внимание на тоа како дезинформациите го повредуваат човештвото и колку проверката на факти е важна за секој човек поединечно. Секое поглавје во книгата е посветено, практично, на тие две работи и тоа не е за изненадување од основач на аналитичката филозофија, влијателен математичар и логичар. Во поглавјето „Преглед на интелектуалното ѓубре“ зборува како верувања во апсурдни работи им се случуваат на сите, па и на големи луѓе – работата е лично да се провери сѐ што може да се провери. На пример, Аристотел верувал дека жените имаат помалку заби од мажите. Можел да ја избегне таа грешка многу лесно – доволно било госпоѓа Аристотел да ја држи устата отворена додека Аристотел брои. Проверка на факт.
Порано информациските системи не биле технологизирани како што се денес, па сега лесно е да се најдат многу факти, но сепак се одвива истата процедура на ширење невистини, а за возврат на достапноста, дури и со поголем замав и со подетални намери. Секако, и ден-денес, ќе прочитаме, ќе чуеме нешто, но дали ќе тргнеме во „поход“ на потврдување или побивање на тоа, одамна веќе зависи колку на индивидуата ѝ е важно тоа. Така лесно се создава „груба кожа“ за сѐ, и информации, и дезинформации. Дезинформацијата е комотна да вирее, затоа што: „Ама кој има време да тенчи и извлекува мак на конец?!“ Иако повеќето лаги се полесни за проверка и од броење заби.
Периодично ширените лаги против зачленувањето на Македонија во ЕУ почнуваат да личат на ученички оправданија за ненаученото. Дури и не се потребни изјавите на високите претставници на ЕУ – самиот интерес да се биде членка е напаѓан од опозициските партии, како да не е повеќе од јасно дека од интерес на Македонија е да стане членка на ЕУ и дека од интерес ни е да се движиме напред по тој пат. Изгубенковците од Левица не се за многу коментар тука. Таканаречената „Левица“ наликува на дете коешто одвај го запишале во училиште, па со наместен среден прст за сѐ што му е во долгорочен интерес настапува како горд незнајко, замислувајќи дека е некаков бунтовник оти расплукано пцуе. Фалсификат им е името што си го дале, оти плукаат по светска благородна идеја како ЕУ: Вистинските леви крила насекаде застапуваат слобода, еднаквост, братство, солидарност, права, прогрес и интернационализам – сите вредности конгруентни со ЕУ, а не „сите ќе ве стреламе“, „децата крв ќе ви проплукаат“, покажување среден прст во највисокиот законодавен дом, транспаренти со пцовки без содржина, киднапирање протести на препатени луѓе и што уште не. Поведување по нивниот неум, со опонирање на македонскиот интерес да се биде членка на ЕУ, може да е чин вреден само колку за цртан филм каде што ликчето си се тепа самото себеси.
Но, ВМРО-ДПМНЕ е приказната на ученикот кој никогаш не научил бидејќи „никој не чини“ и „ништо не чини“ според него. За тој да се покаже, мора сите останати да бидат полоши од него, а кај него да биде палката како сите да станат полоши од лошото. Една реклама за курсеви за деца од странски јазик, во груевизмот случајно одлично ја отслика атмосферата која ВМРО-ДПМНЕ со самото свое присуство ја создава: „Не дозволувајте другите деца да знаат повеќе од вашето дете!“ Но, реалноста е дека не се сите полоши и дека не се другите причината зошто да не се движиме по патот на ЕУ. Тој ентитет, самонаречен „партија“, живее без концепт како навистина да се стигне до ЕУ. Нема план во плачките и тралалајките „дајте ни власт, па после“. Без насока, без вистинско лидерство, како со хируршки отстранета одговорност и, со тоа, со злоупотреба и манипулација на многу десни вредности на кои положиле рака, ВМРО-ДПМНЕ се залага само за затварање на Македонија, којзнае заради што. Би било фино да е едноставно, како, на пример, заштита на парите кои се извлекуват од граѓаните преку бизнисите без ЕУ стандарди.
Има само две јасни работи кои самите истакнати личности од ВМРО-ДПМНЕ ни ги кажуваат, само малку индиректно: прво, дека не смеат да кажат дека се против ЕУ (иако се против), бидејќи ќе мора да се простат дури и од она инфериорно „придружно“ членство во Европската Народна Партија и второ, дека се против спроведување на тој сеопшт македонски интерес – стандардите на ЕУ заради привилегиите на грст луѓе. Инаку, како може некој да се противи на подобрени системи на сѐ на коешто се обраќаме во секојдневното живеење? Тоа и се поглавјата – воведување систем од економски, финансиски, здравствени, образовни, научни, истражни, судски, еколошки, сервисни стандарди!
Уште пред да се почне со преговорите, па до ден денес, од ВМРО-ДПМНЕ невистинито ги презентираат Копенхагеншките критериуми и пропагираат невистинита ситуација, како што си ја нарекуваат, „двојни стандарди“ на ЕУ кон нас. Слушајќи ги, човек лесно може да стане уверен дека тие критериуми немаат врска со малцинства, делови од народи и нивно признавање. Бидејќи не ги знаев доволно овие критериуми, отворив да видам што се. Утврдувам дека фразата „двојни стандарди“ е само уште еден пропаганден трик, на карта дека никој нема да отвори и да види. Еден од Копенхагеншките критериуми, во делот на политичките критериуми е токму она што се бара од нас – еднаквост на малите делови од народи во рамки на границите на државата и тоа секој може да го прочита, тоа е првата реченица од членот 49:
„Секоја европска држава која ги почитува вредностите наведени во член 2 и е посветена да ги промовира, може да поднесе барање да стане членка на Унијата“), при што членот 2 е:
„Унијата е заснована на вредностите на почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права, вклучувајќи ги и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата. Овие вредности се заеднички за земјите-членки во општество во кое преовладуваат плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и еднаквоста меѓу жените и мажите“.
Почитувањето не е само за на пазар, во чаршија, во автобус, како што сакаат да прикажат од ВМРО-ДПМНЕ, туку во Уставот. Во Македонија живее многу мал дел од бугарскиот народ, кој, да се разбереме веќе еднаш, не е фашистичкиот окупатор од 40-тите од минатиот век, доста е со хомонимски еквивокации на Бугарите. Уставот треба да ги спомене како и другите, скоро сите од него поголеми делови од народи кои живеат во Македонија, бидејќи тие си го бараат тоа право. Копенхагеншките критериуми го бараат токму тоа. А таканаречениот „двоен стандард“ е лага која настанува од споменатата недоследност на еквивокација која пропагандно се всадува во зборот „бугарски“. Имено, идејата се состои, очигледно, тешко да прифатиме „дел од бугарски народ“, кога извештачено во секоја реченица се трудат придавката “бугарски“ да ја врзат со „диктат“. Тој збор нѐ нервира, не заради Втората светска војна како што еднакво нападно го имплантираат во говорот бугарскиот фашистички окупатор. Најпосле, НОБ во Македонија е борба, сѐ спротивно од „диктат“.
„Диктат“ нервира заради груевистичкиот диктат од самото ВМРО-ДПМНЕ, кој го имаме почувствувано сите, дури и тие што се приврзани на нив: Оние кои бараа 15 „пријатели“ кои ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ – инаку нема работа, оние кои истрпеа од неграѓанските закони, некои од нив со буквално математички невозможности внатре – со цел сите да се грешни пред законот, а само диктаторот ќе избере кој да се казни. Некои со хорор – измачувања ставени во закон (сетете се на грозоморните ситуации заради законот за прекин на бременост – сменет во 2018 г.), дебилниот „кембриџ“ – први го откачија првачињата од 2018 г., екстерното за ученици, забраните за студирање во четврта(!) година на студентите според аналфабетски конципираните екстерни испити, студентски домови во милионски долгови, минијатурните минимални плати, безобразните просечни плати, огромна дупка од пола милијарда евра во пензискиот фонд, фрлањето на луѓето и децата со потребни потреби во 18-ти век, споменици, врби и галии наместо првокласна клиника, наместо модерна опрема во сите дејности, а најпрво во здравствената и образовната, затварањето едни медиуми и начините на истурање пари во други, затварање новинари, тежок удел во укинувањето на СЈО (како и што си признаа пред некој ден), шиканирање доктори, професори… Диктатот на ВМРО-ДПМНЕ го знаеме и го нејќеме. Неподносливата дисонантност што лица од диктаторското ВМРО-ДПМНЕ велат „диктат“ е таа што ни изгледа неправедно и би била како извадена од вицотека, да не се работи за голем влог како што е средување на државата по терковите на ЕУ. „По ЈУС“, како што соодветно се велеше во 80-тите.
Нападот на самиот интерес Македонија да биде членка на ЕУ се случува со секакви фалшливи недоследности во облик на протнување на фалшливи „јавни вистини“ од страна на истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ на телевизиски интервјуа, дебати или по весници. До таа мера им се погрешни „вистините“ што не може веќе само да се каже дека се нивно лично мислење, туку треба да се извинат за неодговорноста кон граѓаните со пропагирањето невистини. Во анализата на ТВ24 од пред десетина дена „Може ли да се спречи егзодусот“, поимот „преговори со ЕУ“ беше неодговорно конфетиран како да е некаква бирократска вишок хартиичка. Небаре „преговори со ЕУ“ значи „јас тебе – ти мене“ или како да ќе седнат големите на ручек и ќе си муабетат нешто по салфетки, или како преговори да се кој кого ќе го зезне, така звучеше агресивното откачување на Димовски кон Рамадани на 49:50. „Фиктивни разговори“ било тоа дека со преговори ќе ја средиме државата. Но, лага е токму тоа – „фиктивни разговори“.
Да, со преговори се средува, тоа е можност, прилика и не само давање ум од страна на ЕУ туку и големи фондови за таа цел. Смешна ви е пропагандата „Да се средиме, па после во ЕУ“, а целиот разговор претходно е за како не можеме да се средиме. Мислите не се гледа дека потпикнувате идеја – „Па добро, бидејќи не можеме да се средиме, тогаш не е Македонија за во ЕУ“? Во која спремно ќе ускокнете „на помош“, па во продолжение треба да си надоврземе според урнебесните сугестии на раководството на ВМРО-ДПМНЕ: „Ахаа, ама со нова Влада од ВМРО-ДПМНЕ, можеби ќе може да се средиме, па ќе можеме во ЕУ“! Проста маалска манипулација, користејќи го знаењето дека граѓаните претежно се за ЕУ. А во име на креирање на оваа многу жална ситуација на застој. Но, со такви очигледни манипулации е барем појасно дека за застојот кон ЕУ вина има само ВМРО-ДПМНЕ (и неколкуте нејзини несвесни приврзоци). Тоа што ВМРО-ДПМНЕ си ја куцка ЕУ на сметката, па бара да му се плати со избори за да го добиеме патот кон ЕУ, е старовремска трговска финта за како да се продаде волшебна напивка. ВМРО-ДПМНЕ ни продава пак диктат на ВМРО-ДПМНЕ, а не патот кон ЕУ. Затоа и таков им е говорот – „ние сме за ЕУ, ама…“.
Можеме ли да го освестиме тоа? Не е тоа нова работа, во принцип е рамноземјаштво, кое и Бертранд Расел го анализира од толку одамна: Колку лесно една сила, со само нешто пари за пропаганда, може да направи многу луѓе да веруваат дека два и два се три, дека водата смрзнува кога е жешка и дека врие на ладно, или било каков друг нонсенс, доколку тоа ѝ служи на една таква сила. Притоа, дури и кога еден таков апсурд ќе стане „јавна вистина“, луѓето сепак нема да го ставаат чајникот во фрижидер за да ја зовријат водата. Она што се случува е дека ваквата „вистина“ станува диктат заради кој не можете да остварите најнормални човечки права.
Така, додека диктатот на ВМРО-ДПМНЕ до 2017 година беше класичен и крвјоса глави за да продолжи, сега, практично секој прес и секое соопштение на ВМРО-ДПМНЕ кое е во спротивна насока од патот на Македонија кон ЕУ, во основа пласира божемна „вистина“ според која, повторно, никако нема да „зовривате вода во фрижидер“, но која ефективно, се претвара во диктат против самите себе, како граѓани. Бидејќи има самопоразителна педагошка компонента од тип „Не го сакам ЕУ, оти ЕУ не сака вакви како нас“, на пример. Тоа нема врска со стварната реалност, банално е ова дури и да се искаже. Целта на оваа диктирана метаморфоза на „јавните вистини“ на ВМРО-ДПМНЕ е повторно да настане сеопшт диктат на ВМРО-ДПМНЕ во кој повторно сите ќе бидат згазени. Втор дел. Од истите причини заради кои не го сакаат ЕУ – заштита на нечии интереси низ авторитарност. Притоа неколку персони би имале невидена слобода за сѐ. А ние, таму долу некаде во прашината, со нула слобода на говор, стремеж за нееднаквост, откинување од плати за палати, споменици и слични ѕвечки, напади на образованието, заборавање на здравството, нечовечки забрани и казни, како и нехумани дозволи и неказнивости, владеење на сеопшта лажност, сомнеж… Тоа е трасата кон несамостојност на државата. Токму така, несамостојност. Навидум, парадоксално, доколку се смета ВМРО-ДПМНЕ за македонска партија, но „самостојноста“ на ВМРО-ДПМНЕ е суштински нивен диктат врз нас, граѓаните, веројатно пак преку тортура на поимот институција од страна на овој идеолошки недефиниран ентитет. Тоа води во крахот – нашето онесамостојување, а Македонија би останала само краткотраен сон кој бил… Ха, па, воглавно добар додека траел…
Текстот е личен став на Авторката. Преземено од Рацин.