Европскиот парламент денеска ќе расправа за нападот на косовската полиција, се очекува резолуција, Специјалното обвинителство на Република Косово соопшти дека започнало истрага за нападот во Бањска и дека во моментов е во процес на прибирање информации и докази поврзани со овој случај, а паралелни истраги најави и Обвинителството на Србија.
Ова е дел од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот за денешното издание на АЛ-Прес.
КОСОВО
Балкан Веб: Европскиот парламент денеска ќе расправа за нападот на косовската полиција, се очекува резолуција
Во соопштението на Европскиот парламент се најавува дека расправата за Косово се очекува да започне денеска по 15 часот.
Европратеникот Тонино Пицула, еден од иницијаторите на дебатата во објава на Х рече дека ја осудуваат неодамнешната агресија на вооружена терористичка банда врз косовските полицајци, пренесе Балкан Веб.
Газета Експрес: Паралелни истраги против Радоичиќ, но во спротивни насоки
Специјалното обвинителство на Република Косово соопшти дека започнало истрага за нападот во Бањска и дека во моментов е во процес на прибирање информации и докази поврзани со овој случај.
Паралелни истраги најави и Обвинителството на Србија, но не е јасно дали двете институции ќе соработуваат меѓу себе, пренесе Газета Експрес.
Од Стејт Департментот велат дека не ги потврдиле информациите дека Србија ги повлекла војниците од границата со Косово
Коха: Американскиот Стејт департмент соопшти дека не ги потврдиле извештаите дека Србија ги повлече војниците од границата со Косово.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во вечерашното интервју за „Си-Ен-Ен“ изјави дека Србија го намалила бројот на војници во близина на границата со Косово на 4.400, од 14.000 минатата година. Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, рече дека овие извештаи не се проверени, пренесе Коха.
АЛБАНИЈА
Албеу: Суспендирање на ИПАРД фондовите, Рама: Ќе земеме пример од Хрватска, ќе го исправиме јазолот на администрацијата на фондовите на ЕУ
Албанскиот премиер Еди Рама е во официјална посета на Хрватска каде потпиша повеќе договори меѓу двете земји.
На заедничката прес-конференција со неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ, Рама меѓу другото зборуваше и за суспензијата на средствата од ЕУ за ИПАРД програмата.
Рама нагласи дека ќе има реорганизација на администрацијата на фондовите на ЕУ за земјоделството, додаде дека од него побарале поддршка за преговарачкиот процес, туризмот и сајбер безбедноста, пренесе Албеу.
КОЛУМНА
Коха: Хроника на однапред најавен напад
„Од закана до насилство: на терористичкиот напад во Бањска му претходеше милитаристичка, пропагандна и дипломатска кампања на српскиот режим. Милан Радоичиќ е производ на криминализацијата на политиката во Србија. И, за жал, и криминализацијата на политиката на Косово со години
Во летото 2022 година, Милан Радоичиќ испрати заканувачка видео порака од Лепосавиќ: „Еве ме, се вратив и знаете што значи тоа“. Иако се зборуваше дека Радоичиќ во одредени фази бил баран од косовските власти, овој газда на криминалната мрежа на северот од земјава изгледа се движел како златна рипка во аквариум. До денес останува нејасно зошто косовските власти му ја тргнале налогот за апсење.“, пишува авторот Енвер Робели во колумната „ Хроника на однапред најавен напад“, објавена во Коха.
Подготви: Д. Тахири / Цивил Медиа