Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека на маргините на самитот на ЕУ во Гранада ќе се разговара за актуелната ситуација на Косово и предупреди дека „насилството не е прифатливо“, а дека дипломатијата и дијалогот се единствениот начин за решавање на проблемот.
„Насилството не е прифатливо. Важно е лидерите на земјите од Западен Балкан да разберат дека за интеграција во Европската унија, покрај неопходните реформи, услов е и решавањето на билатералните несогласувања. Несогласувањата меѓу Косово и Србија треба да се реши како услов за интеграција во ЕУ“, изјави Мишел пред група новинари во Брисел, пренесува денеска приштински Коха.
На прашањето како е можно да се зборува за проширување на ЕУ од една страна, а од друга страна дека регионот е поблиску до војна отколку до интеграција во ЕУ, Мишел рече дека ЕУ, НАТО, САД и партнерите се едногласни во дека „насилството нема да се толерира“.
„Дипломатијата и дијалогот се единствениот начин за решавање на проблемот. Кога има тензии, тоа лошо се одразува на инвестициите во регионот и им штети на земјите од регионот“, рече Мишел.
Претседателот на Европскиот совет посочи дека на неформалниот самит на ЕУ во Гранада в петок, како и на самитот на Европската политичка заедница ден претходно во истиот град, меѓу главните теми ќе биде проширувањето на ЕУ.
Тој го изрази своето задоволство што неговиот предлог е да се постави 2030 година како краен рок додека и ЕУ и земјите аспиранти за членство не бидат подготвени за проширување и рече дека останува на таа идеја.
„Овој рок е амбициозен, но и реален“, додаде Мишел.