Началникот на Генералштабот на Војската на Србија, Милан Мојсиловиќ изјави дека во копнената безбедносна зона, долж административната линија со Косово, „актуелната воена ситуација е стабилна, но непредвидлива и оптоварена со безбедносна криза“, јави дописникот на МИА од Белград.
Мојсиловиќ за РТС оцени дека „лесно може да се прелее на дел од територијата на централниот дел на Србија“, односно во копнената безбедносна зона.
На прашањето што се случувало за време на конфликтот во Бањска, Мојсиловиќ рече дека не постоеле „индикатори дека ќе се случи нешто големо и толку комплицирано“, и дека ситуацијата била редовна.
Тој додаде дека во текот на утрото на 24 септември почнале да пристигнуваат информации за настаните, повредените и дека е воспоставен контакт со командантот на КФОР.
– Со врховниот командант стапивме во контакт… како началник на Генералштабот добив задача – целосно да ја ставам под контрола копнената безбедносна зона и во полн капацитет да ја обезбедам административната линија со превентивно распоредување на дел од силите на Војската на Србија, изјави Мојсиловиќ.
Тој истакна дека оваа наредба не е невообичаена и е во согласност со случувањата на теренот.
– Тоа не беше целосна борбена готовност на српската армија, рече тој.