Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Пред два дена, во емисијата „360 степени“, госпоѓата Гордана Јанкулоска, бившата министерка за внатрешни работи и најблиската соработничка на оној што избега во Будимпешта (името познато на редакцијата), имаше свое интервју откако ѝ измина тригодишна затворска казна заради злоупотреба на својата јавна функција. Тоа е почетниот и начелен вовед во денешната колумна. За детаљите, во редовите кои следат.
На самиот почеток, одиме со еден сатиричен вовед, барем за момент да не се убиеме од душевенот амок (читај, тешка анксиозност и прикриен бес) кој испираше на површина од интервјуто на госпоѓата Јанкулоска.
Понекогаш, од моја перспектива, навистина сметам дека патриотски настроените Македонци би биле многу подобри лабораториски глувци од најдобрите лабораториски глувци, затоа што најдобрите лабораториски глувци не би прифатиле над нив да се извршуваат лабораториски експерименти.
Им се вели, еј, ќе нè изолираат ако не ги прифатиме Уставните измени – ќе го запреме патот кон Европа, ќе изгубиме силни пари за проекти, инфраструктура… ќе изгубиме пари за живот – море нека се носат по ѓаволите, кој ги ебе, велат патриотски настроените Македонци, па ние сме, море, Македонци.
Лабораториските глувци би биле далеку помудри, би рекле: дај, бре, да ги ставиме тие Бугари, луѓе се и тие како нас, ќе си ја упропастиме државата, ќе изгинеме како Слога Југомагнат во македонска лига. Во тоа матно и непрегледно мочуриште, ќе речат експерименталните глувци, ќе бидеме „сива зона“ на лудите путинисти, ќе го изгубиме дури тогаш својот суверенитет и интегритет. Лабораториските глувци ќе се обидат да избегнат храна која е „богата“ со корења, или она што во пејоративен наратив го велат патриотските Македонци – ќе јадеме и корења ама Македонија не ја даваме.
Патриотските Македонци, покажаа (дури и самата Гордана Јанкулоска покажа во интервјуто од пред некоја ден) дека во последните триесет години имаат неверојатно „чувство за филинг“, така што секогаш прават погрешни работи во прав момент. Добро, имало и такви Македонци кои направиле вистинска работа во погрешен момент. Во овие две дисциплини едноставно се брилијантни и „ненадјебиви“.
Така и госпоѓата Јанкулоска: додека беше министерка за внатрешни работи, ајде да ја наречеме „македонскиот женски Аркан“, дојде на идеја – или некој и нареди додека беше власт – да прави што сака со оваа земја; генерално „трпаа“ гласачи на секој чекор – омилената играчка (на оној што избега во Будимпешта, името познато на редакцијата) наречена „избори“. Потоа си прислушуваа до „миле воље“ секој еден за кого процениле дека го загрозува „државниот поредок“; покрај тоа што имаа неограничена моќ на цела територија – оти за нив Македонија е територија во која тие ќе се помочаат во круг и ќе речат: ова од денес е наше. Така тие ја гледаат оваа држава. Оттука и толкава масовна злоупотреба и енормно кршење на човековите права кое уредно беше нотирано од Европската унија.
Веројатно идејата им беше да направат „што поголема Македонија“, тукуречи, „олкааааааа Македонија“. Е, богами, направија. Не само што Македонија ја расформираа, опљачкаа и растурија до непрепознатливост, на крајот се обидоа и преку пуч (или упад во Собранието, 27-ми април, 2017 година) да останат на власт.
Можеби Јанкуловска, претпоставувам, имала возвишен мотив: можеби сакала да издејствува аеродромот во Скопје да се нарече по нејзино име, кога веќе тоа му успеа на, што-ти-ја-знам, Алексанадар Македонски, Никола Тесла, Џон Ф. Кенеди, Шарл де Гол… Овие луѓе, претпоставувам, никогаш не би сакале аеродроми да бидат означени со нивните имиња и презимиња, тоа го посакуваа генерално неталентирани и нереализирани луѓе.
Уште ако се случи и некоја власт да им ја исполни желбата, па кога ќе стигнете на аеродромот во Скопје, ќе се распрашате – која е оваа „чова“ и на чиј аеродром слетавме? – и ќе ви биде малку непријатно кога ќе сфатите дека таквиот „чова“ направи мини-војна во Куманово; ќе ви биде малку непријатно што во неговиот мандат се прислушувани преку 20.000 граѓани, и да не редам – премногу трауми на толку малечок простор предизвикаат идеологизираните груевци, што искрено, додека ги типкам овие зборови почнува „исконски“ да ми се гади.
И замислете го тоа лудило, а можеби и уцена (кај овие луѓе сè може и сè проаѓа): од затвор директно кај Мицкоски во партија, па од таму, директно на Фејсбук. Да се генерира сообраќај, да се ставаат лајкови, да се егзалтира раја: ајде, Гордана, нашиот херој, добре ни дојде, ти, сестро, ти си нашиот маченик за „македонските работи“…
Партијата која ѝ го упропасти животот, ја дискредитира, ја одвои од своите деца, повторно гледаме дека ја зема во своите прегратки за повторно да ја експлоатира во свој интерес. Секој нормален човек на вакви ујдурми може само да одмавне со презир и гадење.
Што е она кое не го праша Васко Попетревски во интервјуто со Гордана Јанкуловска, а требаше? Сега ќе ви кажам.
„Зошто, госпоѓо Јанкуловска, денес Македонија личи на ‘мардељ’ (читај, затвор)“?
Ако навистина Јанкуловска читала книги во затвор како што самата тврди, требаше на Попетревски да му одговори:
„Затоа што има премногу фалсификувани работи“.
Што тоа би значело? Работите со фалсификатите е следна: фалсификатот личи на оригинал, ама не е. Фалсификат банкнота „на прва“ дава впечаток дека има некаква вредност, ама ако се обидеш да ја поттуриш, демократска држава те затвора во „мардељ“ (читај, затвор). Фалсификати не одат на избори и не бараат гласови. Од срам, не заради нешто друго. И затоа овде има премногу бесрамни фалсификати кои трчаат по гласови. Таа е цената на затворскиот живот.