„Северна Македонија сега е лидер во регионот по искористеност на мерките од европската ИПАРД програма. Тоа резултираше со зголемување на средствата за ИПАРД 3, на 97 милиони евра. Ова се мерки за развој на земјоделството по европски терк. А сето ова е уште еден доказ, колку земјоделството и производството на храна ни е високо на листата на приоритети“ рече премиерот Димитар Ковачевски на Вториот национален саем за храна и пијалаци во Скопје.
Тој додаде дека се преземени презедовме низа мерки за поддршка на домашното производство на храна, како што е новиот модел за субвенции, капитални инвестиции во водостопанството, поддршката за малите производители на храна, за малите семејни винарии, за младите земјоделци, за жените земјоделки и други мерки.
„Паралелно, ги поддржуваме малите производители на храна со грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство и грант до 5.000 евра за набавка на опрема за малите дестилерии“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека зголемувањето на домашното производство на земјоделски производи и храна е еден од најважните приоритети на Владата и дека економската и енергетската криза покажаа колку е важно да произведуваме доволно за дома, но и за извоз, за да ја зајакнеме економијата.
„Тоа подразбира стратегија која опфаќа повеќе сегменти, од модел на субвенции, капитални инвестиции, советодавни услуги, европски фондови до вложување во човечки ресурси“ рече Ковачевски.