На израелските војници им е наредено во рок од 24 часа да ги евакуираат сите жители од израелските зони околу Појасот Газа, каде што се водат борби за ослободување на заложниците, изјави портпаролот на израелската армија, генерал Даниел Хагари.
„Нашата мисија во следните 24 часа е да ги евакуираме сите жители околу Газа“, истакна Хагари на прес-конференција, еден ден откако палестинското движење Хамас започна офанзива против Израел.
„Десетици илјади војници се распоредени во таа зона и ние ќе стигнеме до сите сектори еден по еден додека не го убиеме секој терорист присутен во Израел“, рече тој.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека повеќе од 400 палестински милитанти се убиени во јужен Израел и појасот Газа, а стотици се заробени.
„Во овој момент се водат борби во Кфар Аз. Нашите сили се во сите градови, нема град каде што не се нашите војници“, изјави Хагари, цитиран од „Тајмс оф Израел“.
Американскиот претседател Џо Бајден ја изрази непоколебливата поддршка на Вашингтон кон Израел, а Советот за безбедност на Обединетите нации денеска најави итна седница за ситуацијата на Блискиот Исток, по нападот на Хамас врз Израел.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го осуди нападот на Хамас и повика за преземање на „сите дипломатски напори со цел да се избегне поширок конфликт“, нагласи портпаролот на ОН, Стефан Дижарик во соопштението.
„Генералниот секретар е длабоко загрижен за цивилното население и повика на максимална воздржаност. Цивилите мора да бидат почитувани и заштитени согласно хуманитарното право“, додаде Дижарик.
Хамас вчера изврши ненадеен напад врз Израел и истрела илјадници ракети врз еврејската држава од Појасот Газа, кој е под контрола на исламистичкото движење. Стотици борци на Хамас се инфилтрираа на израелска територија, каде што земаа цивили и војници како заложници.
Израелските вооружени сили извршија одмазднички воздушни напади врз Појасот Газа. Продолжуваат и копнените борби меѓу израелските сили и борците на Хамас.
Г. Т.