Во моментов не се можни преговори со Израел додека траат непријателствата, изјави за АФП претставник на палестинското движење Хамас со седиште во Доха.
Претходно денеска, Ројтерс објави, повикувајќи се на свои извори, дека катарски посредници преговараат со претставници на Хамас за ослободување на киднапираните израелски жени и деца кои ги држи Хамас во Газа, во замена за 36 палестински жени и деца кои се наоѓаат во израелските затвори.
„Воената операција продолжува и отпорот под водство на Бригадите ал-Касам (вооруженото крило на Хамас) продолжува да ги брани правата на нашиот народ, затоа сега не се можни преговори за размена на заробеници или нешто друго со Израел“, истакна Хосам Бадран, член на политичката канцеларија на Хамас во Доха, главниот град на Катар.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека „она што ќе го доживее Хамас ќе биде тешко и страшно“. Нетанјаху исто така нагласи дека „ова е само почеток… сите сме со вас и ќе ги победиме со сила, со огромна сила“.
Израелската армија денеска нареди целосна блокада на Појасот Газа, територијата со која управува палестинското исламистичко движење Хамас, трет ден откако Хамас започна ненајавена и невидена офанзива против Израел. Се зголемува бројот на жртви од двете страни, а според последните податоци вкупно загинале над 1.200 луѓе.
Г. Т.