Русија го префрли оружјето од западното производство, заробено во Украина на екстремистичката организација Хамас, која се бори против Израел во обид да го дискредитира Кијив, објави украинското воено разузнавање (ХУР), пренесува Кијив Индипендент.
Според украинското разузнавање, Москва планира лажно да ја обвини украинската војска за продажба на оружје обезбедено од САД и ЕУ на Хамас, .
„Како дел од кампањата за дезинформација на Кремљ, овие фалсификати треба да бидат основа за голем број „откривачки написи“ и „истраги“ во западните медиуми“, пишува ХУР.
Украинската разузнавачка агенција, истакнува дека руските специјални служби планираат како „извор“ за оваа кампања да го искористат Руслан Сирови, постар поручник од украинската гранична служба, кој извршил предавство и побегнал во Москва.
„Уште една провокација на непријателот има за цел да ги дискредитира вооружените сили на Украина и да ги натера западните партнери да ја прекинат воената помош за нашата земја“, соопшти ХУР.
Според Институтот за проучување на војната, Кремљ има за цел да ја искористи офанзивата на Хамас против Израел за да ја оттргне поддршката и вниманието на Западот од Украина.
По големите напади на Хамас на израелска територија на 7 октомври, Русија ги засили пораките со кои ги обвинува западните земји за запоставување на конфликтите на Блискиот Исток во корист на поддршката на Украина, пренесува Кијив Индипендент.
Подготви: Ј. Ѓ.