Во одлуката што може да ја промени динамиката на изборите во 2024 година, Роберт Кенеди Џуниор најави дека се откажува од борбата против актуелниот претседател на САД за номинација на Демократската партија и ќе ја продолжи претседателската трка како независен кандидат, пишува Њујорк тајмс.
Овде сум да се прогласам за независен кандидат за претседател на САД, им порача Кенеди на голем број свои приврзаници пред Националниот уставен центар во Филаделфија.
Откако ја најави својата кандидатура во април, 69-годишниот Кенеди беше остар критичар на раководството на Демократската партија, кого го обвини за „присвојување на партиската машинерија“ за да го спречи да го предизвика Бајден, а во јавните настапи тој постојано повторуваше дека партијата ги напуштила своите принципи и дека станала корумпирана.
Како адвокат, Кенеди се бореше за заштита на животната средина, се спротивстави на задолжителната вакцинација на децата и се спротивстави на државните мерки во јавното здравство. Во последниве години, неговите отворени сомнежи за справувањето со коронавирусот од страна на Владата и неговите критики за карантинот и вакцините го направија популарен меѓу многу Американци изморени од пандемијата.
Тој создаде база на поддршка составена од незадоволни гласачи од целиот политички спектар, што некои демократи се загрижени дека тој претставува најголема закана за нивната партија и стравуваат дека неговата кандидатура за Бајден може да одземе многу гласачи.
Набргу откако Кенеди влезе во трката, анкетите покажаа дека тој има до 20 отсто од демократската поддршка, што во голема мера ја одразува желбата на членството да најде алтернатива за Бајден, но неговата поддршка се намали во последните месеци. Сепак, таа продолжува да привлекува скептични демократи, политички конзервативци и неопределени гласачи.
Неколку часа пред да излезе на сцената во Филаделфија денеска, на веб-страницата на неговата кампања слоганот „Јас сум Кенеди, демократ“ го смени во „Јас сум Кенеди, Американец“.
Г. Т.