Владата и Министерството за надворешни работи внимателно ги следат случувањата во Израел и се во постојана комуникација со македонската амбасада во Тел Авив, а преостанатите 67 македонски државјани кои побараа помош за излез од Израел, стигнаа во Скопје благодарение на чартер летот организиран од Владата.
Сите финансиски трошоци за превезувањето на евакуираните граѓани се покриени со резерви на Буџетот на Република Северна Македонија, согласно одлуката донесена на седница на Владата.
„Бесплатниот чартер лет за сите патници кои патуваа на релација Тел Авив – Скопје беше реализиран во соработка со ‘Air Serbia’, и тоа во услови на откажани летови и целосно блокиран авионски сообраќај од и кон Израел. Со оглед на тековните борбени активности во повеќе подрачја во Израел изминатата недела, претходните обиди за обезбедување на лет од Тел Авив не вродија со резултат, имајќи предвид дека ниту една компанија од регионот не беше во можност да обезбеди сигурен и безбеден лет и да одговори на барањата на Владата на Република Северна Македонија“ соопштија од Владата.
Чартер летот беше организиран на иницијатива на Владата и по напорите на премиерот Димитар Ковачевски во директен контакт со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ да се најде решение за предизвикот за обезбедување чартер лет за граѓаните од регионот.
Освен преостанатите 67 македонски граѓани кои побараа помош за враќање од Израел, со чартер летот организиран и платен од Владата на Република Северна Македонија се обезбеди трансфер и за седум албански, седум црногорски и тројца бугарски државјани.