Европската унија „не може да прифати“ тоа што Израел го запре снабдувањето со вода за населението во Газа, што „очигледно“ го прекршува меѓународното право, нагласи шефот за надворешна политика на блокот Жозеп Борел.
„Прекинот на водоснабдувањето на заедницата под опсада е спротивно на меѓународното право. Ние не можеме да го прифатиме тоа“, рече тој пред Европскиот парламент во Стразбур.
„Тоа беше ставот на ЕУ кога станува збор за Украина, каде руските сили ги опседнаа заедниците и ја прекинаа водата, а истото треба да биде и кога станува збор за Газа“, додаде тој.
„Јасно е наведено дека лишувањето на човечката заедница под опсада од основно снабдување со вода е спротивно на меѓународното право – во Украина и во Газа. И ако не можеме да го кажеме тоа, за двете места, ни недостасува морален авторитет неопходен за да се слушне нашиот глас“, потенцира Борел.
Неговите коментари доаѓаат во време на мешани пораки во Европската унија во врска со случувањата во конфликтот Израел-Хамас, јавија француските медиуми.