Заменикот министер за надворешни работи на Косово, Крешник Ахмети објави претпладнево дека Република Косово ги возобновила дипломатските односи со Република Палау по петгодишен прекин, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ахмети информацијата ја објави на својата страница на Фејсбук, покрај фотографија од предавањето на акредитивите од страна на новоименуваниот нерезидентен амбасадор, Сабри Кичмари на претседателот на Република Палау, Сурангел С. Випс (Surangel S. Whipps, Jr.).
Во јануари 2019 година беше објавено дека Република Палау ќе ја преразгледа одлуката за признавање на независноста на Косово.
Ова се наведува во нотата што тогашниот претседателот на Палау, Томи Ременгес му ја предал на тогашниот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Во нотата, како што јавија српските медиуми, се нагласува дека таа земја донела одлука да го преиспита својот став во однос на статусот на Косово.
Република Палау е островска држава во Микронезискиот субрегион на Океанија во западен Пацифик.